На насловната страница на вчерашното издание на „Њујорк пост“ беше објавена фотографија од рускиот претседател Владимир Путин со натпис: „ОВА Е ДИКТАТОР и 10 други вистини за војната во Украина што ги игнорираме на наша опасност“.
Ова се 10-те вистини за кои треба да размислите:
* Путин ја започна војната.
* Русија се бори за освојување.
* Украина се бори за своја независност.
* Украинците не се Руси.
* Путин е диктатор.
* Зеленски не е диктатор.
* Русија не е пријател на САД.
* Украина е пријател на САД.
* На Путин не може да му се верува.
* Американската помош за Украина не е залудно потрошена.
Патем, насловната беше објавена откако американскиот претседател Доналд Трамп го нарече украинскиот лидер Володимир Зеленски „диктатор“ претходно оваа недела. Во исто време, Трамп никогаш не го нарече Путин „диктатор“.
Интересно е тоа што „Њујорк пост“ е конзервативен дневен таблоид кој главно пишува афирмативно за Трамп. За време на подемот и владеењето на Трамп, таблоидот често ја промовираше неговата политика, а истовремено ги напаѓаше демократите и либералните медиуми.
Иако во одредени случаи има критички коментари за конкретни одлуки или контроверзни настани, уредничкиот тон најмногу ги поддржува ставовите на Трамп.
„Њујорк пост“ е во сопственост на Руперт Мардок
Во пресрет на минатогодишните претседателски избори, таблоидот јавно го поддржа Трамп.
„Денес Трамп ја покажува истата сила и жестокост како во 2016 година, и покрај невидената и срамна употреба на правосудниот систем против него, два обиди за атентат и добро познатиот постојан налет на хистерични медиумски напади врз него“, објавија тогаш уредниците.
„Њу Јорк Пост“ е основан во 1801 година од Александар Хамилтон и ги менува политичките насоки низ својата историја. Денес е во сопственост на медиумската компанија News Corp, предводена од Руперт Мардок.