Министерството за образование и наука информира дека на веб порталот www.karierenrazvoj.mon.gov.mk објавен e повторен повик за пријавување на наставници од основни училишта за напредување во звање „ментор”, што како што велат од МОН, е нова можност за кариерно напредување на наставниците од основните училишта.
-На повикот може да се пријави наставник од основно училиште кој ги исполнува условите согласно Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, односно има најмалку 7 години работни искуство како наставник, вработен е на неопределено работно време и ги исполнува професионалните стандарди за наставник – ментор. Во самиот повик е наведена листа со општини и училишта на кои се однесува истиот, се вели во денешното соопштение од МОН.
Пријавувањето се спроведува исклучиво електронски преку порталот www.karierenrazvoj.mon.gov.mk, каде во прилог на апликацијата се приложува и соодветна документација како доказ за исполнетост на наведените услови. Крајниот рок за аплицирање е 20 февруари 2023 година.
Министерството за образование и наука ги повикува сите наставници од наведените јавни основни училишта во повикот, доколку ги исполнуваат условите, да ја поднесат својата пријава во предвидениот рок, за да го остварат законски утврденото право за напредување во звање „ментор”, а со тоа и да си обезбедат повисок личен приход.