Објавени критериумите и дејностите кои може да аплицираат за кредити во Развојната банка

од Aleksandar Todeski

Фирмите од најпогодените сектори може да почнат со аплицирање за бескаматните кредити на Развојната банка. Кредитите се поделени на три критериуми, до 5.000 евра за фирмите до 10 вработени, до 15.000 евра за фирмите до 50 вработени и до 30.000 евра за фирмите до 250 вработени, а ќе ги опфатат секторите угостителство, туризам и товарен транспорт.

Фото: Борче Поповски

Фирмите кои ќе аплицираат треба да достават тековна состојба, завршна сметка за фискалната 2019 година, потврда од УЈП за платени даноци и придонеси, потврда дека не се води стечај или ликвидациона постапка и ЗП образец од Централниот регистар, а истите треба да се поднесат на мејлот [email protected].

Директорот на Развојната банка, Кире Наумов вели дека како во целиот свет и кај нас се договараат критериумите и за останатите сектори кои претрпеле штети од коронавирусот, а ги нема во првите одбрани.

„Целта е најпогодените сектори, угостителство, туризам и товарниот транспорт, да ги надминат ликвидносните проблеми во овој почетен период. Каматна стапка е 0 отсто, а рокот за отплата е 24 месеци, со грејс период од 6 месеци. Ова е иницијална, прва мерка. Ова се најбрзите средства кои се ликвидни во Развојната банка и ќе има уште такви средства. Тука ги опфаќаме секторите за кои се случи првиот удар“, вели Наумов.

Јавниот повик и критериумите за фирмите се објавени на страната на Развојната банка, каде освен тоа, се објавени и секторите кои може да аплицираат за овие кредити по шифра на дејност.

А.Т.

 

 

Слични содржини