Обновен фрескоживописот во манастирот „Св. Пресвета Богородица“ во Велушина

од Vladimir Zorba
175 прегледи

 

Целосно е обновен вредниот фрескоживопис во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велушина, Битолско, исклучително значаен споменик на културата кој поседува хронолошки сликарски слоеви од 12 до 19 век.uspenienaboborodicalarge

Ова го соопшти минисерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во рамки на денешната посета на Велушина каде од страна на директорот на Завод и музеј Битола и стручната екипа се информираше за текот на реализацијата на целиот проект.

Стручните екипи изработија и обемна архитектонска документација на постојната состојба на црквата.

Целокупниот процес на конзервација на фрескоживописот се реализираше во две етапи, во 2015 и 2016 година, при што е заштитена вкупна површина од 300 метри квадратни, за што од буџетот на Министерството за култура беа издвоени 1.5 милиони денари.

– На овој комплексен проект работеа 30-тина стручни лица од установата Завод и музеј Битола и надворешни соработница Реализацијата на овој проект има големо значење за жителите на Велушина кои сите поголеми празници ги прославуваат во овој храм, но и за промоцијата на богатото културно наследство по кое е прочуен овој регион во пелагонискиот крај, истакна Канческа Милевска.

Жителите на село Велушина и се заблагодарија на министерката за култура за поддршката на овој проект и и подарија монографија за Велушина кое е место со бројни културно-историски локалитети.

Директорот на завод и музеј Битола, Зоран Алтипармаков информираше дека следната година ќе се пристапи кон конзервација на вредниот иконостас и иконите во црквата Пресвета Богородица во Велушина, а за 2018 година ќе се интервенира и врз архитектурата на овој значаен споменик на културата.

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во село Велушина е комплексен објект со досега констатирани четири фази на градба. Обновувањата датираат од крајот на 10 и почетокот на 11 век, потоа 12 и 13 век, а во текот на 16 и 19 век била извршена најголемата реконструкција на црквата. Со археолошките истражувања, откриени се темели од постар сакрален објект од 6 век.