До Советот за деца при Основниот кривичен суд Скопје денеска од страна на Јавен обвинител од ОЈО беше доставен предлог за примена на санкција спрема дете во ризик постаро од 14 години, кое извршило дејствија кои со закон се определени како кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 3 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 и кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 1 од Кривичниот законик.
„На 25 февруари, детето во ризик, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон сообраќајните прописи и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот и телото на луѓето. Иако немал возачка дозвола, тој со брзина поголема од дозволената за населено место управувал автомобил БМВ Х6 по булеварот „Мајка Тереза“ во Скопје. Кога дошол на раскрсницата со улицата „Елисие Поповски Марко“, односно наближувајќи кон обележан пешачки премин, ваквата брзина не му овозможила да запре и да ги пропушти пешаците. Така, тој со возилото удрил во пешак кој во тој момент поминувал по пешачкиот премин. Од ударот, оштетениот се здобил со тешки телесни повреди поради кои се наоѓа во животно-загрозувачка состојба, а детето во ризик веднаш по несреќата го напуштило местото на настанот без да му укаже помош.Бидејќи постои реална опасност детето да се даде во бегство, да ја попречува постапката или да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор.“, соопштија од обвинителство.
Малолетникот со возило „БМВ Х6“ со скопски регистарски таблички удрил во 58-годишниот доктор Ѓорѓи Јота, хирург и професор на Медицинскиот факултет во Скопје, кој пешки ја минувал улицата во близина на Клиничкиот центар заминувајќи си од работа.
„Во незгодата со тешки телесни повреди се задобил пешакот кој бил пренесен во комплексот клиники ‘Мајка Тереза’. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Скопје, а лицето е приведено“, соопштија од Министерството за внатрешни работи.