Европската агенција за соработка при спроведување на законот (ЕВРОПОЛ) соопшти дека две лица се уапсени во Холандија поради сомнение дека се дел од криминална мрежа што планирала мултимилионска измама со продажба на непостоечка медицинска опрема во Европа.
Од Европол изјавиле дека кон средината на март, германската здравствена заштита ангажирала две компании од Цирих и Хамбург да се здобијат со заштитни маски во вредност од 15 милиони евра, пренесува Танјуг.
Двете компании контактирале со очигледно легитимни продавачи на маски лоцирани во Шпанија, кои им понудиле 10 милиони маски и потоа ги поврзале со дистрибутерите во Ирска.
Ирските посредници, според изјавата на Европол, ги поврзуваат клиентите со друг производител, овој пат со седиште во Холандија.
За исплата на 1,5 милиони маски бил склучен првичен договор вреден 1,5 милиони евра.
Испораките наводно вклучувале 52 товарни камиони и полициска придружба од магацин во Холандија до крајната дестинација во Германија.
Непосредно пред испораката, клиентите биле известени дека нивната исплата не поминала и дека тие веднаш мора да платат 880.000 евра за обезбедување на опремата. Сепак, дури и по дополнителното плаќање, заштитните маски не биле доставени во Германија.
Европол објаснува дека веб-страницата на постојната холандска компанија е „клонирана“ и така злоупотребена, без самата компанија да има никакви официјални информации за нарачката или договорот.
По овие информации, клиентите контактирале со банките во Германија за да го следат и пресретнат протокот на пари.
Европол тврди дека во соработка со финансиските и полициските власти на Велика Британија, Холандија и Ирска, вкупната исплатена сума на пари била лоцирана и замрзната, дел од кој бил наменет преку Велика Британија да биде депониран на банкарска сметка во Нигерија.