Бројот на новозаразени од Ковид-19 во земјава се приближува дo илјада дневно.
Министерството за здравство вчера објави дека дури 870 граѓани се заразиле со Ковид-19, а биле тестирани 2647 лица.
Од денеска сите граѓани, освен оние кои спортуваат на отворено, децата под 6 години и некои други исклучоци, ќе мора да носат маски и на отворено.
За непочитување на мерката за задолжително носење на маска казната изнесува 20 евра, за прекршителите на решенијата за самоизолација казната е 50 евра, додека тие што ќе се групираат на отворено во забранети периоди ќе платат казна од 500 евра, предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести што вечерва го усвои парламентот.
Овој Закон предвидува носење лична заштита на лицето и тоа респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично, при излегување надвор од домот односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип.
Притоа, оваа мерка нема да важи при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на специфичните протоколи за заштита, при возење во приватно патничко моторно возило ако возачот е сам или со лице/лица со кој/кои што живее во заедница, при престојување во двор на семејна куќа сам или со лице/лица со кој/кои што заедно живеат во заедница, при седење во угостителски објект со почитување на специфичните протоколи за заштита итн.
Воедно, Законот го регулира и лекувањето на лицата заболени од ковид-19. Освен лекување во јавните здравствени установи, по медицински индикации болните можат да се лекуваат и изолираат и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија или во домашни услови, доколку за тоа постојат услови.
Пратениците од СДСМ го повлекоа предлогот кој предвидуваше контрола во домовите на граѓаните и казни доколку има повеќе од четири гости. Со тоа, ако нема ограничување на движењето, односно полициски час, граѓаните ќе може да си се собираат по дома и на верски празници и на куќни слави.
Состојба со коронавирусот денеска ќе биде тема на разговор и во Вилата Водно, каде претседателот Стево Пендровски го свика Советот за безбедност. На седницата, покрај редовните членови на Советот, на покана на претседателот ќе присуствува и министерот за здравство Венко Филипче.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 28.697, бројката на оздравени пациенти е 19.771, на починати е 963, а бројот на активни случаи изнесува 7.963.