Од осамен живот, Атиџе од „Медена земја“ стана славна личност во Холивуд

од Берта Китинска
481 прегледи

Атиџе ги освојува симпатиите на сите каде и да се појави, а „Медена земја“ го привлекува вниманието на голем број светски ѕвезди.

„В недела на Оскарите,  Атиџе Муратова нема да ја  промашите. Таа ќе биде единствената македонска Турчинка, традиционално облечена жена среде ѕвездената публика во Театарот Долби во Холивуд“, почнува текстот на AFP насловен „ Атиџе, македонската пчеларка која го шармира Холивуд“.

Додека „Медена земја“, документарното ремек дело за пчеларката, не доби три награди на филмскиот фестивал Санденс, Атиџе живееше во трошна колиба од камен и плитари, без струја и водовод, во дивите предели на Република Северна Македонија, се вели понатаму во текстот.

Сега филмот се запиша во историјата како прв кој добил номинации за Оскар во категориите Најдобар документарец и Најдобар странски филм, а Атиџе стана ѕвезда „со сите салтанати“ која холивудските ѕвезди ја застануваат да ја поздрават.

„Сара Џесика Паркер беше многу возбудена што ќе ја запознае откако го гледаше филмот“, раскажува продуцентот на „Медена земја“ Атанас Георгиев за AFP.

Со оглед на тоа дека 56 години без проблем живеела без телевизор, Атиџе не знае за „Sex and the City“, но сепак љубезно и учтиво се запозна со главниот лик од филмот која била маѓепсана од неа.

„Сара Џесика Паркер беше многу возбудена што ја сретна Атиџе откако го гледала филмот. Атиџе ја предвиде иднина гледајќи  и на кафе“, вели продуцентот Атанас Георгиев.

„Таа е остроумна, интелигентна и зборува четири јазици од различни јазични групи – турски, македонски, албански и влашки. Голем дел од успехот на филмот се должи на прекрасното срце на Атиџе“, вели Георгиев.

Георгиев нагласува дека снимањето на документарецот со режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов и снимателите Самир Љума и Фејми Даут траело три години.

Бидејќи екипата не го разбирала дијалектот на кој Атиџе ѝ зборувала на мајка ѝ, првото грубо монтирање на материјалот Георгиев го правел без звук.

Стискаме палци и едвај чекаме да дојде недела, со надеж дека екипата на „Медена земја“ ќе се врати со статуетки во рацете.

Слични содржини