Од утре не важи „новогодишната кошничка“: „Никој не виде аир од мерката освен неуките граѓани кои поверуваа дека Владата се секира за нив“

од Nikola Popovski
53 прегледи

Кој испазари, испазари. Завршува важноста на мерката „Новогодишната кошница“, со која околу 1.200 производи се продаваа со ограничена маржа од 10 проценти. Од Владата велат дека мерката била успешна, иако граѓаните негодуваат и стравуваат дека трговците повторно ќе ги зголемат цените.

Дел од аналитичарите во државата тврдат дека мерката беше неуспешен проект на оваа, но и на претходната Влада и на секоја наредна доколку се служи со популистички мерки. Економистот Зоран Витанов тврди дека „новогодишната кошничка“ не може да биде успешна кога секоја влада се меша во пазарот. Во разговор за „Локално“ објаснува дека од независноста одлучивме да живееме во пазарна економија, а оваа мерка е одлика на договорната економија.

Зоран Витанов

-Прво што се случува во таквите мерките е недостиг на намирници. Не постои трговец кој што ќе сака да работи со загуба од причина што тој трговец вложил пари за тој бизнис. Треба да сме им благодарни на трговците што ни овозможуваат да не мора да одиме во Јужна Америка за да купиме банани, туку да ни ги донесат овде на чекор до нас и нормално дека за тоа ќе си платиме. Голема лага е заблуда, лага или страв да викаме дека трговците се договараат на штета на купувачите. Ако е така, предлагам и вие и јас да отвориме дуќан и да одиме со реални цени и ќе ги сузбиеме сите трговци. Пазарот треба да биде оставен на раат. Апел до сите политичари кои сакаат да се занимаваат со економија – оставете го пазарот, невидливата рака на Адам Смит ќе регулира се или да кажеме дека згрешивме во 1991 година и да се вратиме во социјализмот кога чекавме во редици за леб, млеко, кафе, шекер…Договорната економија и популистичките мерки доведуваат до недостиг на производи, истакнува Витанов.

Според него, никој не виде „аир“ од мерката освен, како што вели, неуките граѓани кои поверуваа дека Владата се секира за нив.

-Сите други видовме штета, дециден е економистот, додавајќи дека не очекува ниту намалување ниту зголемување на цените по завршувањето на траењето на кошничката.

-Очекувам конкуренција на пазарот и да нема монополи. Како што сега има конкуренција во маркетите, никогаш немало. Кога имаме остра конкуренција, цените се секогаш најреални. Некогаш ќе скокаат, некогаш паѓаат, но, ако на некој не му чини, апелирам да си го постави прашањето зошто му е скапо? Можеби самиот тој што нема куповна моќ, самиот не нуди како работна сила, на пазарот не нуди ништо што вреди повеќе. Немојте да се залажувате како граѓани дека некој со волшебно стапче ќе дојде и ќе ги намали цените. Тие се какви какви што се и се реални во моментот со пазарните околности. Но, и нашата куповна моќ е таква каква што е бидејќи 30 години чекаме политичарите да ни ги решат проблемите, а не ние како главите на семејствата сами да си ги решаваме. Голема грешка е на секоја Влада ако бара популистички мерки. Оваа Влада економски е неспоредливо подобра од претходната и не ѝ требаат мерки кои што претходната ги воведе, истакнува соговорникот.

Витанов се осврнува со конкретен пример за ситуацијата со мерките на Владата.

-Ако некои продукти ми се скапи, очигледно дека јас не вредам. Не треба да чекаме популистички мерки. Ако ги намалиме цените, ќе ги снема тие продукти. Замислете дека имаме дуќан и набавуваме јајца од некој производител за 10 денари и треба да ги продадеме за 12 за да заработуваме. Сега Владата ти вели дека ќе ги продаваш по 9. Прво што ќе направам е ќе престанам да набавувам јајца. Заради тоа во социјализмот се чекаше во ред за леб, млеко, кафе…, констатира економистот.

Во новогодишната потрошувачка кошничка листа спаѓаа леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.

Производите на листата кои беа понудени на полиците во трговските синџири беа обележани со налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата.

Власта претходно најави дека планира потрошувачки кошнички и во иднина во пресрет на поголемите верски празници.

Претходно, ваква мерка имаше во септември и октомври која власта ја нарече „есенска потрошувачка кошничка“.

Н.П.

Слични содржини