Од утре од 18 часот па до 20 јануари на сила стапуваат новите ковид мерки.
Со мерките работното време на угостителските објекти се скратува до 18 часот, а се забранува и организирање и одржување прослави на претстојните новогодишни и верски празници.
Изнајмувањето викендици на групи за новогодишните празници е кривично дело и полицијата ќе постапува врз основа на сите дозволени закони. Засилените контроли започнуваат веќе од наредната недела и ќе траат во текот на новогодишната ноќ.
Граѓаните се прашуваат според кој закон полицијата ќе има ингеренции да влегува во приватни домови за да врши контрола за празниците.
Министерот вели дека не е кривично дело ако се изнајми викендица на едно семејство, но е кривично дело против здравјето и животот на граѓаните ако се изнајмува на групи луѓе.
Мерките не дозволуваат ниту организирање Нова Година на отворен и затворен простор од физички и правни субјекти. Ова се однесува и на јавните институции, поради што на општините и на сите организации основани од локалната самоуправа им се укажува дека освен што е забрането секакво групно собирање и организирање прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници, треба да се откажат и прославите што се веќе евентуално закажани.
Во рестриктивните мерки е вклучена и забраната за хотелите за организирање прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници. И тие, ако веќе имаат организирано новогодишни прослави, треба да ги откажат.
Во угостителско-сместувачките објекти (хотели, мотели, хостели) и нивните ресторани се ограничува работното време до 21 часот. Тие ќе може да работат исклучиво за пансионските гости и само за време на послужување на оброците. Се ограничува работното време и во кафетериите, баровите и шанковите во угостителските сместувачки објекти до 18 часот.
Со новите мерки се забранува и изнајмувањето викендици и други туристички капацитети за сместување, за групно собирање и организирање прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници, освен за лица од едно, исто семејство.
Министерото за здравство Венко Филипче повторно апелираше и да не се излегува надвор во овој период ако за тоа нема некоја вистинска, голема потреба
Вкупно ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата се 76.251, оздравеа 52.413, починаа 2.225, а активни случаи се 21.613.