150
Од вчерашниот силен земјотрес што ја погоди Албанија, досега се регистрирани 524 земјотреси во областа, според одделот за сеизмологија при Институтот за наука во Тирана.
Четири регистрирани земјотреси имаа јачина поголема од 4,5 степени по Рихтеровата скала, вклучувајќи го и оној со разурнувачка јачина од 6,3 степени, евидентиран вчера во 03.55 часот.
Во меѓувреме, дури седум потреси биле со интензитет од 4 до 4,5 степени, околу 17 меѓу 3,5 и 3,9 степени, додека другите биле послаби.
Најновиот земјотрес беше утрово со јачина од 3,4 степени, со епицентарот во Јадранското Море, пренесува АТА.