
ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 27 март.
Денеска е Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници.
Овој празник е подвижен празник. Зависи од тоа во кој ден ќе падне Велигден. Се слави секогаш во неделата пред Велигден, затоа што тоа е денот кога го доживуваме Христовото славно влегување во Ерусалим, градот во кој по неколку дена Христос ќе биде погубен. Кога Христос влегуваше во Ерусалим, луѓето го пречекуваа со извици, постилајќи ги облеките пред неговите нозе и засипувајќи го патот со маслинови гранчиња пречекувајќи го како цар на мирот небесен. Во таа смисла и празникот е наречен Цветници.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР
Денеска е Цветна недела – Цветници.
Овој ден е спомен на Исусовото влегување во Ерусалим, каде што по пет денови тој бил погубен. Исус Христос во градот бил пречекан од маса луѓе меѓу кои имало и деца кои во рацете носеле маслинови гранчиња. Но, меѓу луѓето не биле присутни градските, народните, ниту верските старешини. Во тој град Исус ќе биде распнат на крст за спасение на светот. Денешниот ден не повикува подлабоко да ја доживееме тајната на тие случувања. Во се што ќе доживееме овие денови е скриена и тајната на нашето верување и неверување во Исус Христос, нашиот Спасител.