ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 12 мај.
Денеска е Спасовден – Вознесение Христово.
Спасовден, или празникот на Христовото вознесување на небото е четириесеттиот ден од Воскресението. Господ во текот на 40 дена по своето воскресение им се јавуваше на учениците, зборувајќи им за царството Божјо. И откако им заповеда да не го напуштаат Ерусалим, туку да го чекаат слегувањето на Светиот Дух, тој ги изведе своите ученици во Витанија, ги благослови и се вознесе на небото. Додека учениците гледаа во облакот што го сокри Господа пред нивните очи, ангелите им објавија дека истиот Исус кој од нив се вознесе на небото пак ќе дојде на ист начин како што го видоа да се вознесува. Овој празник се нарекува Спасовден затоа што во денот на Христовото вознесение се доврши делото на спасението.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР
Денеска е Спасовден – Вознесение Господово.
По своето славно Воскресение, Исус престојувал на земјата уште 40 денови. На денешен ден, 40-ти по неговото Воскресние, Исус отишол од земјата на небото. За последен пат ги собрал своите апостоли им дал поука и ги испратил да го проповедаат Евангелието во светот, крстејќи го секој човек: во името на Отецот, Синот и Светиот Дух. Четириесеттиот ден по славното воскресение, Исус доаѓа на небото на својот Вечен Татко. Оттогаш, Исус владее со судбината на секој од нас, со судбината на народот и целиот свет. Тој повторно ќе дојде на овој свет на судниот ден, да му суди на секој од нас, да им суди на добрите и на лошите луѓе.