Ако вака се толерираше нивниот мајтап во Собранието денес Македонија ќе немаше се уште ниту конституирано Собрание ниту избрано влада.

Македонија е една од ретките земји што успеа режим да сруши со пенкало. За да ја спречи промената на власта режимот на Груевски започна со блокада на Собранието. Обидот на опозицијата да ја прекине блокадата со избор на претседател на Собранието доведе до акт на тероризам од страна на режимот на Груевски предводен според сите индиции од тогашниот министер на полицијата Чавков и до обид за убиство на новиот премиер и лидерот на клучна партија во владината коалиција.
Откако сето тоа се надмина и се формира нова влада, се што прават силите на стариот режим е да се блокираат промените на истиот начин и со истите методи со кои се блокираше конституирањето на новото Собрание и изборот на новата влада.
За сега, таа блокада се одвива прилично успешно. Блокирано е Собранието со бројни злоупотреби на правата од Деловникот. Блокирани се промените во судствоти и се спречува владеењето на правото. Блокирани се промените во националните медиуми МРТВ и МИА. Блокирани се кадровските промени во бројни јавни претпријатија и државни институции. Продолжен е мандатот на локалната власт во која доминираат кадрите на режимот. А ако се распишат локалните избори на 6ти август ќе има и блокирање на бројни исплати од буџетот и ќе бидат блокирани новите вработувања.
Оттука. Новата власт или ќе изнаоѓа поефикасни механизми за деблокирање на клучните инструменти на моќта и да почне ефикасно да се служи со нив или ќе создава впечаток дека не е способна да се справи со сите “итроштини” на силите од паднатиот режим.
Тоа може негативно да се одрази врз резултатите од локалните избори и да им даде сила и поттик на поразените во парламентарната битка пак да го оспоруваат легитимитетот на новата власт и натаму уште посилно да ја блокираат во изведувањето на клучните промени и остварување на изборните ветувања.
Секако. Можеби бавните промени се посигурни. И мора да се има разбирање за проблемите со кои се соочува новата власт. Но за сега системот на натамошно разголување и демаскирање на сите злоупотреби што ги правела претходната власт само ја зголемува огорченоста кон неа но и незадоволството од тоа зошто не само што не одговараат туку и имаат простор најдрско да блокираат.
Ако вака се толерираше нивниот мајтап во Собранието денес Македонија ќе немаше се уште ниту конституирано Собрание ниту избрано влада.
Ѓорѓи Спасов – Фејсбук статус