Одморот во Грција годинава ќе ве чини најмалку 30 отсто повеќе од лани

од Vladimir Zorba
187 прегледи

Одморот во Грција годинава ќе биде многу поскап од лани. Освен сместувањето кое годинава е поскапено за 20 до 30 отсто, нашиот јужен сосед воведе повисоки, туристички такси и даноци за претстојната сезона. Македонските туристи кои ќе летуваат во Грција ќе плаќаат дневен данок од 2 евра, што претставува значително зголемување во однос на досегашните 0,5 евра. Во периодот од април до октомври, во текот на ударната туристичка сезона, таксата ќе се зголеми на 8 евра.

Зголемување на таксите ќе има и за сместувањето. Така, за хотелите со една и две ѕвезди, како и за изнајмување соби, ќе се плаќа 2 евра, наместо досегашните 1,5 евра. Во хотелите со три ѕвезди ќе се плаќаат 2 евра повеќе, додека гостите во хотелите со четири ѕвезди ќе платат 10 евра наместо досегашните 7. Најголемо поскапување има за хотелите со пет ѕвезди и вилите, каде што таксата ќе порасне од 10 на 15 евра.

Од туристичките агенциите велат дека освен зголемените такси оние кои планираат одмор на грчките плажи годинава ќе се соочат и со поскапени аранжмани. Така во зависност од времето на летување и од оддалеченоста на апартманот од плажа цените на апартманите за седум дена се движат од 350 евра па нагоре.

-Оние кои секоја година одат во Грција ги користат попустите за ран букинг и си резервираат одмор по стара цена. Аранжманите за летување годинава се поскапени за 20 до 30 отсто во однос на лани, но и покрај тоа има голем интерес за летување во Грција, особено за апартманско сместување. Попустите за ран букинг почнуваат со 30 отсто од ноември. Како се доближува сезоната така се намалуваат и попустите. Најголемите попусти се до крајот на февруари, велат за „Локално“ од туристичките агенции.

Цените на сместувањето во Грција варираат во зависност од туристичката дестинација, близината до морето, видот на сместување, сезоната и други фактори.

Цената на хотелското сместување зависи од бројот на ѕвезди, сезоната, локацијата и понудата. Генерално, хотелското сместување може да чини помеѓу 30 и 200 евра за ноќ, во зависност од категоријата на хотелот.

Студио без поглед на море може да се најде за околу 30-50 евра од ноќевање во претсезона и постсезона, додека во сезона цената може да биде околу 60-100 евра од ноќ. Студио со поглед на море може да чини околу 50-80 евра од ноќ во предсезона и после сезона, додека во сезона цената може да биде околу 100-150 евра за ноќ.

Цената на еднособен стан во Грција може да се движи од 30 до 100 евра за ноќевање, додека цената на двособен стан може да биде од 60 до 150 евра за ноќевање. Луксузните апартмани со поглед на море и приватен базен се значително поскапи и чинат над 300 евра од ноќ. Цените на вилите во Грција се движат од 100 до 400 евра за ноќ, во зависност од локацијата и големината, додека пак цените за кампување се движат од 5 до 15 евра во просек за ноќ, во зависност од локацијата и сезоната.

Од туристичките агенции информираат дека освен сместувањето и таксите ова лето ќе има повисоки цени и на лежалките, кафе, гиро…Гирото се очекува оваа година да чини околу 5 евра, односно од 10 до 15 евра порција, кафе на плажа од 5 до 10 евра, а лежалките од 5 евра па нагоре.

Б.С.

Слични содржини