Официјално: Ќе се обнови железничката линија меѓу Белград и Приштина

од Nikola Popovski

Утрово во Минхен потпишано е Писмо за намери за обнова на железничкиот сообраќај помеѓу Белград и Приштина. Рамковниот договор е потпишан во присуство на српскиот претседател Александар Вучиќ, специјалниот пратеник на американскиот претседател Ричард Гренел и претседател на Косово, Хашим Тачи.

Во име на Белград, Писмото го потпиша директорот на Канцеларијата за Косово, Марко Ѓуриќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, документот беше потпишан во рамките на Минхенската конференција за безбедност.

Писмото со намери за обнова на воздушниот сообраќај меѓу Белград и Приштина беше потпишано на 20 јануари во Берлин со Луфтханза.

-Штом ќе се реализира документот, ќе дојде до обнова на железничката пруга помеѓу Белград и Приштина, Подујево и Мердаре и ќе продолжи кон Ниш. Стоката од централна Србија ќе може да пристигне во Косово многу побрзо, како и патниците, изјави Ѓуриќ за белградската ТВ Прва во Минхен.

Тој кажа дека утринава ќе се потпише писмо за намери, а не правен акт, туку „израз на политичка волја за да се воспостави линијата“, додавајќи дека денес е „многу важен ден“ за подобра сообраќајна поврзаност меѓу Белград и Приштина.

-Водевме голема грижа нашите интереси да бидат максимално заштитени, сè да биде во согласност со Уставот и законите на Србија, рече Ѓуриќ.

Потпишувањето на писмото за намери за железничкото и сообраѓајно поврзување меѓу Белград и Приштина дојде по иницијатива на специјалниот пратеник на американскиот претседател Ричард Гренел, по неговите посети на Белград и Приштина минатиот месец.

Гренел во Минхен синоќа оствари средби со двајцата претседатели на Србија и на Косово, на кои според изјаватa на српскиот претседател, тој го пренел американскиот став за итно укинување на таксите. Вучиќ истото денес го повтори и по средбата со в.д.вршителот на помошник на државниот секретар на САД, Филип Рикер.

Тачи пак по средбата со Гренел изјави дека „се надева дека Брисел ќе биде целосно посветен на динамичниот процес меѓу Косово и Србија“

– САД и ЕУ се гаранција за успех затоа што Косово има намера да биде дел од ЕУ, кажа Тачи, според приштинските медиуми.

Слични содржини