Огњaноска: Вонредната состојба самата по себе не е мерка, туку е правна категорија, правен институт

од Ивана Рамаданова
769 прегледи

Претседателот на техничката Владата, Оливер Спасовски оцени дека за справување на новата состојба со коронавирусот е потребно да се прогласи вонредна состојба. За жал голем дел од граѓаните сеуште се прашуваат што всушност претставува  оваа состојба.

Според познавачите на оваа проблематика, може да се нагласи дека правото во една држава служи за регулирање на односите помеѓу членовите на едно општество, регулирање на состојбите и појави со цел да внесе ред и предвидливост во функционирањето.

Според Леа Огњаноска, докторанд на Правниот факултет “Јустинијан Први” – Скопје, во правниот систем на Република С.Македонија, постојат правни институти што го регулираат дејствувањето и функционирањето во случај на епидемии и слични појави како околности кои налагаат отстапување од примената на правилата за регулирање на „редовните“/„нормалните“ ситуации. Според неа, за справување со ваквите состојби се преземаат одредени мерки кои ги ограничуваат човековите права и слободи, па затоа мора да се дејствува внимателно и претпазливо, во согласност со принципите на пропорционалност и адекватност, како што всушност предвидува и членот 54 од Уставот на Република С.Македонија (Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот).

„Токму затоа, дури и во вакви околности, државата мора да постапува во согласност со Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори како основни извори на правото во Република С.Македонија, за да не се нанесат дополнителни штети на правниот поредок, односно за да не се навлезе во зоната на противправното дејствување. Бидејќи последните денови се соочуваме со ширење на заразата од КОВИД-19, преземени се мерки за ограничување на слободата на движење како и на други слободи и права. Извесно е дека овие мерки во иднина ќе треба дополнително да се засилат или да се пролонгира рокот за којшто се воводени, па за истите да бидат легални и легитимни, потребно е прогласување на вонредна состојба“, вели Огњановска.

Огњановска потенцира дека Уставот на Република С.Македонија јасно ја дефинира вонредната состојба во членот 125.

„Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Оттаму, има правен основ (со правна сила на уставен основ) за прогласување на вонредна состојба заради погоренаведените причини, односно исполнето е битието на одредбата за прогласување на вонредна состојба – состојба на епидемија со оглед на се’ поголемите размери кои заразата ги добива, односно достигнува размери на епидемија. Дополнително, потребата од прогласување на вонредна состојба во моментов произлегува од потребата да се обезбеди институтционалната инфраструктура за справување со оваа состојба. Имено, ширењето на КОВИД-19 заразата се појави во време кога Република С.Македонија е донесена одлука за организирање на предвремени избори, односно Собранието е самораспуштено и функционира ткн.„техничка влада“. Мерките кои властите ги преземаа за справување со ширењето на КОВИД-19 заразата се соодветни и навремен и мора да се пофали начинот на справување со оваа состојба. Така, прогласувањето на вонредна состојба не е директно поврзано со засилување на мерките за справување со ширењето на заразата, туку е поврзано со оние мерки кои треба да се преземат за справување со последиците од ширењето на заразата, првенствено економски“, вели Огњаноска.

Таа додава дека, заради навремено и соодветно справување со последиците од ширењето на заразата, во следниот период ќе треба да се преземат мерки насочени кон помош на работниците, стопанството и слично.

„За да се донесат овие мерки потребно е да има институционална инфраструктура. Бидејќи Собранието е самораспуштено, единствен начин истото да се собере повторно да се состане е во случај на вонредна или воена состојба, односно при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Неопходно е носење на ребаланс на буџетот, а во оваа состојба тоа нема како да се спроведе. Дополнително, треба правно да се уреди и прашањето за одлагање на изборите, сопирање на активностите за организирање на изборите и прекинот на течење на роковите (техничката влада на пр.има мандат од 100 дена, предвремените избори се организираат во рок од 60 дена итн). Оттаму, прогласувањето на вонредна состојба не значи суспендирање на правниот систем/правниот поредок на државата, ниту самата по себе значи стапување во сила на некакви „вонредни мерки“, туку значи правно уредување на состојбата, супсумирање на фактичката состојба под одредени правни правила со цел давање основа за натамошно постапување и делување“, додава Огњаноска.

Секако дека прогласувањето на вонредна состојна, смета таа, е неопходно и заради натамошно пролонгирање на траењето на мерките и воведувањето на нови мерки за спречување на ширењето на заразата, но самата по себе не значи засилување и заострување на тие мерки, туку давање легалитет и легитимитет на тие мерки и обезбедување на натамошното функционирање во погоренаведениот контекст.

„Бидејќи преземените мерки веќе се соодветни и наменети, треба да се обезбеди и нивно почитување и корегирање на последиците од таквите мерки, што значи дека е потребно одредено дејствување на државниот апарат. Вонредната состојба самата по себе не е мерка, туку е правна категорија, правен институт. И како таква, има различна содржина во различни правни поредоци“, потенцира Огњаноска.

Во меѓувреме, предлогот на Владата за прогласување вонредна состојба не е пристигнат сè уште во Собранието, но се чека тоа да се случи во секој момент.

Претседателот на државата Стево Пендаровски на својот Фејсбук профим објави дека предлогот за прогласување вонредна состојба се подготвува и треба да биде доставен до Собранието. Но, доколку Собранието не се состане, претседателот на Собрание ќе го проследи предлогот до Пендаровски по што ќе се обрати до јавноста.

И.Р.

Слични содржини