ОЈО оформи предмет за транспортот на мозоци од починати лица во САД

Ова следува по објавените документи во случајот за Џефри Епштајн во кои се споменува испраќањето човечки мозоци од Македонија во САД

од Nikola Popovski
47 прегледи Фото: Принтскрин

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, врз основа на повеќе објавени информации во медиумите, оформи предмет по допрен глас поради наводите од објавените документи во случајот за Џефри Епштајн кои упатуваат дека примероци од мозоци на починати лица од земјава наводно биле транспортирани за научно-истражувачки цели во САД.

Имајќи ја во вид природата на наводите, кои вклучуваат обработка, замрзнување и меѓународен транспорт на човечки ткива, како и евентуални прашања за усогласеноста со законските и етичките стандарди за експерименти со човечки ткива и примероци, Јавното обвинителство оформи предмет со цел да ги испита сите индиции за евентуално постоење на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност.

Предметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кое треба да преземе дејствија на прибирање официјални информации од надлежните органи, институции и здравствени установи, во насока на утврдување на евентуално нелегално постапување со човечки ткива и биоматеријали, пропусти или злоупотреби при добивање дозволи и согласности.

Министерот за здравство, Aзир Алиу вели и кога има официјални и неофицијални информации во министерството ги анализираат бидејќи темата здравје е сензитивна и дека целиот фолдер го има симнато и го анализираат во министерството.

Иако временската дистанца е неколку децении, министерот за здравство изјави дека формирал работна група да испита дали се запазени процедурите за прибирање и испраќање мозоци во САД на Универзитетот Колумбија. Во Министерството за здравство се бараат документи за оваа научно-истражувачка дејност.

Според инволвираните во оваа научно-истражувачка дејност, се работело за проект од кој никој не остварил финансиски бенефит. Лекарите во Македонија добиле можност да одат во Америка на едукација, да работат на научни трудови, а сознанијата што ги добиле се значајни за медицината. Во извештај на Одделот за психијатрија при Универзитетот Колумбија, стои дека и други институции од земјава биле вклучени во истражувањата, како психијатриските болници во Скопје, Демир Хисар и Негорци, како и Медицинскиот факултет.