ОЈО Скопје вложи жалба на условната осуда за сообраќајната кај Млечен ресторан

од Vladimir Zorba

Основното јавно обвинителство Скопје до Апелациониот суд Скопје денеска вложи жалба на изречената првостепена пресуда на Основниот кривичен суд Скопје од 04.09.2020 година со која обвинетиот беше огласен за виновен за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 в врска со став 1 од Кривичниот законик и му беше изречена алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор од 2 години која нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од 5 години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

Обвинителството ја вложи жалбата незадоволно од одлуката за кривичната санкција. Притоа надлежниот јавен обвинител оцени дека при одредувањето на санкцијата, првостепениот суд ставил акцент на олеснителните наспроти отежителните околности, што казната основно и објективно ја прави блага и неадекватна во конкретниот случај.

Притоа, Судот како олеснителна околност ја ценел слободната волја на изразено признание на вина за предметното кривично дело од страна на обвинетиот, кое придонело за брзо и ефикасно завршување на кривичната постапка, а воедно било и израз на подготвеност на обвинетиот да се соочи со последиците од своето дело. Но, јавниот обвинител смета дека признанието на вина во услови кога обвинетиот несомнено е свесен за доказите против него и за извесноста да се соочи со санкции, само по себе не треба да претставува цел на привилегирање на сторителот, особено кога се работи за кривично дело со несомнено тешки последици. Како олеснителна околност Судот ги ценел и семејните прилики и возраста на сторителот, но јавниот обвинител притоа истакна дека токму возраста од 63 години не треба да ја намалува тежината на околностите, бидејќи станува збор за возач со долгогодишно искуство од кого се очекува да ги знае сообраќајните правила и прописи. Како олеснителна околност од Судот е ценет и фактот дека обвинетиот и самиот претрпел трауми за време на сообраќајната несреќа, но во жалбата јавниот обвинител истакнува дека во пресудата овие трауми не се сразмерно одразени наспроти физичката болка и трауми кои ги доживеала оштетената, која се соочила со загуба на сопругот и на плодот, а и самата се здобила со тешки телесни повреди. Изразеното сочувство и каење на обвинетиот по несреќата, изразени на главната расправа и преку писма до оштетената, за Судот претставуваат исто така олеснителна околност, но според јавниот обвинител, тие претставуваат нужен морален чин и граѓанска одговорност. Истовремено, отежителните околности во пресудата се наведени без соодветна елаборација на правните аргументи, што довело до благ казнено-правен третман и објективно неосновано изречена кривична санкција, се наведува во жалбата.

Од тие причини, јавниот обвинител предложи Апелациониот суд да изрече построг вид и висина на кривична санкција за обвинетото лице, односно казна затвор, како главна казна.

Гледајќи од аспект на пропустите на обвинетиот во сферата на сообраќајните правила, повредувајќи ги примарните сообраќајни начела за безбедно учество во сообраќајот, како и тежината и степенот на загрозување на правното заштитено добро, изразено преку тешките последици кои резултирале од сообраќајната незгода, јавниот обвинител оцени дека е неминовна потребата на обвинетиот да му се изрече и забрана за управување со моторно возило од определен вид, согласно член 38-в од Кривичниот законик, како споредна казна.

Слични содржини