Бројот на заболени и починати лица од ковид 19 полека стивнува, значајно е намален и притисокот врз болниците, велат надлежните.
Во таа насока Комисијата за заразни болести предлага нови мерки на Владата да ги усвои.
Новите мерки дозволуваат намалување на полицискиот час односно да трае од 24:00 часот до 05:00 часот и се дозволува користење на годишен одмор за здравствените работници. Инвентите и настаните ќе се одржуваат согласно наменските протоколи, со исполнетост до 30 проценти од капацитетот на затворениот простор, а се зголемува и бројот на деца кои може да се згрижат во една група во градинките, односно од 15 на 20 деца.
Доколку се усвојат тие би важеле од 12 до 18 мај, а се донесени на предлог на Комисијата за заразни болести врз основа на епидемиолошката состојба, намалувањето на бројот на хоспитализирани и бројот на заразени лица.
Поради влошената епидемиолошка состојба поради новите мутации на ковид 19 полицискиот час во земјава стапи на сила на 10 март.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 154.051, бројката на оздравени пациенти е 138.370, на починати е 5.109, а бројот на активни случаи изнесува 10.572.