Орбан и официјално побара преговорите за прием на Украина да не се тема на самитот на ЕУ

од Stefanija Kuzmanovska

Унгарскиот премиер Виктор Орбан официјално побара да се отстрани главната тема од дневниот ред на самитот на лидерите на Европската унија: Прашањето за почеток на преговорите за прием на Украина во ЕУ – што е прва тема на агендата на тој состанок, и финансирање на Киев со милијарди евра во борбата против руската инвазија.

Во писмото до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој ќе претседава со самитот во Брисел од 14 до 15 декември, Орбан инсистира дека најпрво е потребна „стратешка дискусија“ за европската иднина на Украина и предупреди дека „принудувањето на одлука може да го уништи единството на ЕУ“.

Одлуките за проширувањето на ЕУ и ревизијата на нејзиниот долгорочен буџет, кој вклучува 50 милијарди евра помош за Киев, можат да бидат донесени само едногласно од сите 27 земји-членки на Унијата.

„Со почит ве повикувам да не го повикувате Европскиот совет да донесе одлука за овие прашања во декември, бидејќи очигледниот недостаток на консензус неизбежно ќе доведе до неуспех“, напиша Орбан во денешното писмо, до кое „Асошиејтед прес“ имал увид.

Водачите на ЕУ, напиша тој, „мора да го избегнат ова контрапродуктивно сценарио заради единство – нашата најважна предност“.

Тој не кажа отворено дека Унгарија ќе стави вето на какви било чекори за отворање на преговорите за прием на Украина, но заканата беше имплицитна.

Канцеларијата на Мишел одби да го коментира писмото на Орбан.

Украина смета на фондовите на ЕУ за да ѝ помогне на нејзината економија разурната од војна да ја преживее следната година.

Слични содржини