Орбан повеќе од сигурен во победа на Трамп: Не сум правел планови за друг исход

од Aleksandar Petrovski

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека е убеден дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе добие нов мандат на изборите во ноември и рече дека не направил планови за каков било друг исход.

„Единствената причина што седам тука откако поминав повеќе од 30 години во политика е затоа што секогаш верувам во мојот план А“, рече Орбан.

Тој нагласи дека Унгарија има исклучително добри односи со Трамп, оценувајќи дека, во случај да победи на изборите демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден, „нивото на отвореност, љубезност и взаемна помош ќе биде помало“.

“Но, мојата пресметка е во ред. Тој (Трамп) ќе победи”, рече Орбан.

На прашањето како победата на Трамп ќе влијае на ЕУ, Орбан рече дека тоа ќе биде удар за оние кои веруваат дека блокот е изграден околу институциите.

„Ако ја разбирате Европската унија како централизирана сила чиј дух и срце се институции, Трамп не е најдобра опција, но ако верувате дека Европската унија не е ништо друго освен заедница на земји-членки – Трамп е ок, убедливо најдобар“, рече Орбан.

Тој додаде дека доколку Трамп победи на изборите, ЕУ ќе мора да ги нормализира трговските односи со САД и да го разјасни прашањето за долгорочното присуство на американски војници на европско тло.

Во исто време, тој го поздрави предлогот на Полска да биде домаќин на американски војници, кои се повлекуваат од Германија, но тој истакна дека не е потребно Унгарија да го стори истото, бидејќи не се соочува со директна закана од Русија.

Тој додаде дека Унгарија ќе го исполни барањето да се потрошат два проценти од БДП за одбрана на НАТО, што е силно поддржано од Трамп.

На прашањето колку време ќе и треба да го стори тоа, Орбан рече „не повеќе од пет години“.

Слични содржини