Орторексија: Кога здравата храна станува опсесија

од desk2
141 прегледи

Анорексијата и булимијата се две познати нарушувања во исхраната, додека за орторексијата не се знае речиси ништо. Оваа патологија се однесува на лицата кај кои грижата за здравата исхрана станува опсесија. 

Важно е да се изедат пет парчиња овошје и видови зеленчук дневно, да не се претерува со месото, да се избегнува палмино масло… Овие и многу други, иако добри совети, можат да станат непријатели на нашето здравје, доколку потребата за внесување здрави производи се претвори во болест која сега има свое име – орторексија (од грчките зборови orthos „коректно“ и orexis „апетит“).

Постојат се повеќе луѓе кои сакаат да го контролираат она што го јадат. Но проблемот се појавува кога изборот на храна станува товар од кој не можеме да се спасиме.

Кај орторексичните лица желбата за здрава храна станува опсесија и тие почнуваат да развиваат загрижувачки психички симптоми. Како и во случаите со анорексијата и булимијата, храната ја презема контролата врз нивните животи. 

За разлика од овие две нарушувања, кај орторексијата не станува збор за калории, туку за нутриционен квалитет на намирниците.

Стравот од помислата дека можат да изедат нешто што е лошо за нивното здравје почнува кај овие лица да создава стрес и да предизвикува анксиозност.

Изразот орторексија првпат во 1997 година го употребил американскиот истражувач Стивен Братмен кој дури направил тест со цел да ги идентификува потенцијалните пациенти.

Иако овој израз не е признат од струката, се повеќе лекари бараат оваа дијагноза официјално да се постави.