Оштетените штедачи бараат одговорност за кредитите без покритие кои ги делела Еуростандард Банка?!

Од здружението Оштетени штедачи, утринава беа објавени информации кои пристигнаа до медиумите и говорат за тоа дека Еурастандард Банка кон крајот на 2019. година според изложеноста на кредитен ризик по одделни категории ризик, се нашла во најдобрата и најсигурната „А“ категорија.

Контра на тоа пак, за само половина година подоцна, банката станала несолвентна од причини што речиси 60 отсто од вкупното кредитно портфолио на правните и физички лица или речиси 60 милиони евра биле целосно или делумно ненаплатливи. Што значи дека не е јасно од 88,3 милиони евра од најдобри и најсигурни кредити во голем дел стануваат ненаплатливи, се прашуваат од здружението.

„Давање свесно лажни информации е познато како измама и е казниво со закон“, додаваат тие.

Врз база на тоа дека успешното управување со кредитниот призик претставува една од основните активности на финансиските институции, здружението констатира дека: Во рамките на контролите за работењето на банката, Народна банка како супервизор вршела оценка на кредитниот ризик преземен од Еуростандард банка, дали таа соодветно го прикажувала преземениот ризик и како управувала со истиот.

Во оваа насока Оштетените штедачи се запрашаа за позицијата на неколку фимри и компании чијшто кредит бил одоборен, а бил оставен имот од 5% само на сумата за која што аплицирале, а подоцна и ја добиле, како што тврдат од таму.

Така фирмата Вадрамини Инженеринг земала кредит од 600.000 евра со обезбедување на недвижен имот од 33.000 евра. Феро Џентар пак, зеле кредит во вредност од 2,5 милиони евра, за којшто немаат платено рата цели 530 дена.

Фактите од извештајот за стечајот на пропаднатата банка од страна на стечајниот управник говорат дека вакви кредити има вкупно 149 чијшто вкупен износ е околу 55 милиони евра или 72,6 отсто од кредитното портфолио за фирми во банката. Според извештајот, сите овие фирми не платиле ниту една рата од земените кредити а повеќето од нив должат со години додека обезбедувањето на кредитите кај најголем број од нив е далеку помало од износите на дадените кредити.

„Дали е можно Народна банка да не видела дека кредитниот ризик на Еуростандард банка е ултра висок и дека огромен број на кредити се несоодветно покриени со гаранции или без никакви гаранции? Банката превземала голем кредитен ризик кај клиенти кај кои одобрила кредити покриен единствено со меници или со гаранции далеку помали од вредноста на кредитите. И сето тоа се случувало континуирано во подолг период почнувајќи од 2013 година па наваму. Доколку Народна банка реагирала соодветно и превземала мерки навремено, тогаш депонентите на банката, физички и правни лица, немаа да бидат целосно оштетени како што е случајот сега со ненаплатливите или тешко наплатливите кредити од речиси 60 милиони евра“, се вели во соопштението од здружението Оштетени штедачи.

Од здружението бараат и одговорност кај Владата и Народната банка истовремено, за несовесното работење на Еуростандард банка.

Слични содржини