Османи – Бербок: Германијa е наш најгласен поддржувач на европскиот пат

од Radmila Tasevska

Во рамки на учеството на 78-то Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк, денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи остварил билатерална средба со министерката за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Аналена Бербок.

Министерот Османи, како што соопшти МНР,  се заблагодарил за гласната поддршка за пристапниот процес на Република Северна Македонија во ЕУ, изразена преку низа чекори како, тнр. „германски“ предлог, клучната политичка основа преку која се создаде денешниот европски пакет за нашите европски интеграции, и усвоената Резолуција во германскиот Бундестаг, со која се реафирмираат македонскиот идентитет и јазик на патот на нашата земја кон Европската унија.

-Ваквиот чекор е уште еден чин на поддршка на пријателска Германија на европската иднина на нашата земја и дополнителна гаранција на идентитетските прашања на Северна Македонија, кои се веќе признати од страна на Европската унија, посочил министерот Османи.

Бербок, како што е наведено во соопштението од МНР, упатила пораки на поддршка на евроинтегративниот процес на нашата држава, и признание за постигнатиот напредок во исполнувањето на преговарачката рамка.

Според неа, со отворањето на поглавјата, нашата позиција кон ЕУ станува сé посилна, воедно уверувајќи дека германската поддршка на нашиот европски пат ќе продолжи и во иднина.

Двајцата министри изразиле задоволство од развојот на одличните односи меѓу двете пријателски земји, кои оваа година одбележуваат јубилејни 30 години од воспоставување на дипломатските односи, како и уверување дека и во иднина ќе продолжат посветено да работат на унапредување на македонско-германското партнерство.

Како што се наведува во соопштението, на средбата била заемно поздравена соработката во областа на економијата, чија динамика во континуитет бележи нагорен тренд на раст. – Германија е клучен економски партнер во вкупниот развој на Северна Македонија и подолг период е најголем трговски партнер и помеѓу поголемите странски инвеститори во земјата, констатирале министрите.

Османи и Бербок размениле мислења и во однос на актуелните политички и безбедносни состојби во земјите од Западен Балкан, а дискутирале и за соработката и предизвиците во рамките на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023. 

Слични содржини