„Османи нема да стане претседател, но ќе бие битка за во иднина“: Дали ДУИ „извади“ кандидат за да ги подели гласовите на Албанците?

од Nikola Popovski

Иако официјално не е почната кампањата за претседателските избори, дел од кандидатите се на терен и се тера агендата. Во канцелариите на ДИК, пак веќе четврти ден како се собират потписи. Интересна е битката во албанскиот блок, од каде се произнесоа со двајца кандидати – предлогот на ДУИ во името на Бујар Османи и предлогот на здружената албанска опозиција да го поддржи градоначалникот на Гостивар и лидер на АА, Арбен Таравари. Засега шефот на македонската дипломатија најблиску до 10 илјади потписи според последните и официјални информации, а (само) над 1500 потписи собрал Таравари.

Изненадување ли се двата главни албански кандидати?

Впечатокот е дека не се изненадување ако ги цениме како имиња на личности кои се долго во политиката. Политичките аналитичари велат дека тие се резултат на проценка на двата блока на партиите на Аланците, иако јавноста можеби очекуваше дека самиот Али Ахмети ќе се испроба. На прашањето дали ДУИ го „извади“ Османи за кандидат за претседател за да ги подели гласовите на Албанците, политичкиот аналитичар Даут Даути тврди дека оваа теза не е најнова и секогаш партиите ја користат за обвинување, но „како што во македонскиот етнички табор е незамисливо ВМРО-ДПМНЕ да гласа за Пендаровски или СДСМ за г-ѓа Силјановска-Давкова, така и кај албанскиот блок е незамисливо единство заради единство, ако целта не е единството, туку нечие симнување или „качување“ во власта“.

Даут Даути

-Да не е толку јак императивот на опозициските партии да симнат некого од власт, можеби и може да се постигне некој политички договор со единствен кандидат, нешто што досега не е испробано, па да се види до каде се можностите, дали би поминал во втор круг. На крај на краиштата, не можете да обвините некого за поделба на гласовите ако вие самите без претходна поличка понуда кандидирате некого, особено не ако си сепак, во подредена положба, вели Даути за „Локално“.

Во однос на тоа дали се созреани условите за претседател Албанец, соговорникот посочува дека ако цениме од крајниот резултат на оваа претседателска трка, времето не е дојдено, бидејќи овие избори по сегашниот модел, не можат да „произведат“ прв претседател Албанец“.

-Би можеле, доколку на пример како што ДУИ застана на минатите избори зад „консензуалниот претседател“ Пендаровски, ВМРО или СДСМ сега би застанале зад Османи или Таравари. Значи, во моментот Османи нема да стане прв претседател Албанец. Но, ДУИ со Османи ја бие токму таа битка за во иднина, со победа на парламентарните избори да биде во позиција да се договара со македонските партии за смена на моделот на избор на претседател, со што пак заживува една дамнешна идеја на ДУИ за „консензуален претседател“ во било кое идно време, кој не мора да биде Албанец, но некогаш и Албанец, образложува Даути.

Според него, идејата не е за отфрлање, а не е ниту за да се прими со некои предрасуди.

-Зошто? Јас и во една своја колумна објаснив дека избор на претседател во Парламентот, – дури и вака како го замислија во ДУИ преку Бадентерово мнозинство, кое ги „шокира“ македонските партии и ги “заскокоти “ заспаните националисти, кои се разбудија за да ја „спречат“ ваквата замисла, -не е неприфатлив. Но, реално, што е спорно во ваквата идеја? Со двотретинско мнозинство во Парламентот, навистина добиваме надпартиски личности за претседател, кои нема да бидат безпоговворни потпишувачи на сите закони на владаеачкото мнозинство, или обратно, непотпишувачи ако се од спротиввни политички табори. Со Бадинтеровото мнозинство, ќе додадеме уште еден дополнителен филтер, кој ќе спречи личности познати по националистички настапи (патем, Бадинтеровото мнозинство е дел од нашиот систем за одредени ситуации.) Ако мислиме дека немаме такви личности, сигурно се лажеме. Е сега, како може при ваква условена процедура да дојде Албанец на чело на државата, кога тоа би зависело од македонските партии? Ако целата постапка е договор меѓу политичките субјекти, секако дека при таков договор не би било невообичаено некогаш, велам некогаш, а не секогаш, и претседателот на државата да биде Албанец. За префрлувањето на изборот на претседателот во Парламентот исто така не е ништо непознато. Ние и онака имаме теориско двојство во рамките на парламентарна демократија: го избираме претседателот на непосредни избори, а неговите компетенции се ограничени и тие одат накај модел на „британска кралица“. На пример, секој закон што не го потпишува претседателот, оди на повторно гласање во Парламентот и после тоа не може да го спречува. Јак изборен легитимитет, со нејаки компетенции. Во соседна Албанија имате ист таков претседател, кој пак избира во Парламентот, посочува аналитичарот.

Колку што ја сфаќам битката на ДУИ со Бујар Османи, истакнува Даути, е да се избори за уставните измени за измена на изборниот модел за претседател.

-Ако успеат да ги убедат македонските партии за такви измени, тоа би била голема победа…Е сега, за самата кандидатура на Бујар Османи, има многу предности и по некоја маана. Предност е што Бујар Османи, без разлика на критиките од опозицијата за неговата улога во преговорите со Бугарија – забораваме дека не е тој што го потпиша, туку двајцата претходни премиери на двете држави, од кој произлегуваат одредени обврски кои треба да се операционализираат – e еден од поуспешните наши министри за надворешни работи. Инаку, воопшто мислењето за него како министер за надворешни работи е позитивна, особено со успешното претседавање со ОБСЕ, за што доби многу позитивни критики кај нас и надвор. Заради се ова, Бујар и може да очекува не мал број на македонски гласачи дали 50.000 или помалку или повеќе и дали би му биле доволни за втор круг, ќе видиме. Единствено ако влезе во втор круг, може сонот да стане јаве, бидејќи сигурно дека огромен дел на македонски гласачи би гласале заради нивната позицираност за или против другиот кандидат, потенцира соговорникот.

Политичкиот аналитичар и извршен директор на невладината „Пулсот на демократијата“ Енвер Салихи, кандидатурата на Османи значи прифаќање на предизвикот да се мераат со албанката опозиција после неколку барања за изборно соочување, но сепак, според него, изненадувачки што не го кандидираа најдобриот во своите редови Али Ахмети.

Енвер Салихи

-Сметам дека кандидатите знаат дека не можат да поминаат во втор круг и оваа е една увертира пред парламентарните избори, истакнува Салихи за „Локално“.

Османи изјави дека неговата кандидатура е референдум за идеја на која ѝ е дојдено времето, на што Салихи не смета дека е дневна политика и нема никаво значење со оглед дека гласачката сила на Албанците е околу 220.000 гласови и поделбата на гласови значи околу 100.000 гласови за секој кандидат.

-Она што треба да се направи не се направи со отварање на Уставот и без промена на истиот можноста за избор на Претседател не е можно со сегашниот начин на избор. Смета дека Таравари ќе го добие мнозинството од албанските и добар дел од македонските гласачи со оглед на неговата репутација како врвен специјалист и хуман човек додека сметам Бујар Османи има тешка битка која е секако одлучувачка за понатамошниот тек на парламентарните избори, додава соговорникот и подвлекува дека во иднина доколку сакаат да бидат на дадениот збор, партиите треба да го држат зборот и услов за влез во Влада да биде изборот на претседателот во Собрание не само поради можноста Албанец да биде претседател, но и со оглед на скапиот процес и церемонијално значење на таа фигура во нашето општествено уредување.

Н.П.

Слични содржини