Основците од денеска на распуст

од Nikola Popovski

Основците денес ја завршуваат учебната 2022/2023 година, додека учениците од средните училишта уште од петокот се веќе на распуст. Основците доучуваа уште неколку дена бидејќи второто полугодие стартуваше подоцна, откако зимскиот распуст беше продолжен со владина одлука.

Оваа учебна година заврши и без учебници за дел од предметите. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири проблемот со учебниците како оној со македонски јазик за трето одделение го лоцира во недоволната заинтересираност на авторите да се пријават на повиците, па решенија ќе се бараат и преку подготвителни материјали. Уверува дека од први септември учебници ќе има, но се уште не може да најде кој ќе го напише учебникот по македонски јазик за петто одделение.

По катастрофалните грешки во учебниците, МОН сега ќе бара начин како тие да се сведат на минимум.

За разлика од минатата година, од ресорот образование стигна информацијата дека годинава учениците навреме ќе ги добијат свидетелствата.

Пријавувањето и запишувањето на учениците во средно обраозвание ќе се врши во еден уписен рок со две пријавувања во месец јуни. Ќе се врши преку електронско аплицирање, преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk.

Првото пријавување на учениците ќе се врши на 20 јуни до 24.00 часот и на 21 јуни 2023 година до 15:00 часот. Ранг листата на запишани ученици се објавува на 22 јуни 2023 година на https://e-uslugi.mon.gov.mk и на интернет страната www.mon.gov.mk најдоцна до 09:00 часот. Доставувањето на потребената документација до училиштата е на 22 јуни од 12.00 до 19.00 часот и на 23 јуни од 07.00 часот до 19.00 часот, согласно изготвен распоред од страна на училиштето. Конечната ранг листа за секое училиште со резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 24 јуни 2023 година, најдоцна до 12.00 часот на огласната табла на училиштето и на www.mon.gov.mk.

Квалификациско тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 26 јуни 2023 година, а конечните ранг листи со резултатите ќе се објават на 26 јуни 2023 година, на огласната табла на училиштето и на www.mon.gov.mk.

Слични содржини