Оставка на англискиот фудбалски селектор по само 67 денови

од Vladimir Zorba
110 прегледи

 

Селекторот на фудбалската репрезентација на Англија Сем Алардајс поднесе оставка, по само 67 денови поминати на функцијата.mkd-285542

Алардајс заминува од селекторската позиција осомничен за корупција и прифаќање пари од трансфери на фудбалери.

Доскорешниот селектор беше разоткриен во јавноста, откако беше „наместен“ од репортери-истражувачи на весникот „Дејли Телеграф“ кои ја истражувале корупцијата во спортот и посебно во англискиот фудбал.

Репортерите лажно се претставиле дека се бизнисмени од Далечниот Исток и договориле „бизнис средба“ со Алардајс, која ја озвучиле и ја снимале со тајна камера.

Според материјалот со кој располага весникот, селекторот во оставка на средбата рекол дека „не е никаков проблем да се изиграат прописите“ на англиската фудбалска асоцијација (ФА) и на ФИФА, околу трансферот на играчи, признавајќи дека тој познава фудбалски агенти кои тоа редовно го прават.

Од снимениот материјал се разбира дека Алардајс прифатил за 400 илјади фунти да претставува „фирма“ од Далечниот Исток, наводно, подготвена да инвестира во фудбалот, како и за пари да зборува на разни свечени настани.

На средбата со прикриените репортери на весникот, Алардајс терал шеги и го исмевал неговиот претходник Рој Хоџсон.

Појавувањето на тајно снимениот материјал, за однесувањето на само два месеци стариот англиски селектор, предизвика скандал во фудбалската јавност и притисок од медиумите за повлекување на Алардајс.

Претседателот на ФА, Грег Кларк изјави дека селекторот не бил сменет.

Лондонските медиуми, сепак, веруваат дека раководството на ФА барало од него ваднаш да се повлече од селекторската позиција, поради „големото понижување“ што му е нанесено на фудбалот на Англија и на нејзината репрезентација.

Никогаш досега, еден селектор на репрезентацијата не морал да се повлече поради ваков скандал, уште и осомничен за криминал.

Сем Алардајс, искусен тренер на седум англиски екипи од Премиер лигата и Чемпионшипот, беше избран за селектор во јули, по оставката на Хоџсон и неуспехот на Англија на Европското првенство во Франција.

Во договорот со ФА, му беше определена плата од три милиони фунти годишно и од него се бараше да ја одведе Англија на Светското првенство во Русија во 2018 година.

Со репрезентацијата имаше само еден натпревар, со Словачка, во квалификацииите за Светскиот куп , што Англичаните го добија во продолжението со 1:0.

За негов привремен наследник е определен Гарет Саутгејт, селектор на младата селекција.

Тој сега треба да ја води репрезентативната селекција на следните четири натпревари – со Малта, со Словенија и Шкотска, за квалификациите, како и на пријателскиот меч со Шпанија./МИА