Нови турбуленции или нови ветрови во СДСМ – ова е дилемата откако лидерот на партијата, Венко Филипче побара, а цело раководство на СДСМ прифати да поднесе оставки. Според тоа, дел од раководните органи на партијата повеќе не се заменичката-претседател Фани Каранфилова-Пановска, потпретседателите Каја Шукова, Кристина Костова, Методија Илиевски и Ана Чупеска, како и генералниот секретар Александар Димитриевиќ. „Со овој одговорен и морален чекор раководството на СДСМ отвори простор за ново поглавје. Следува период на кадровско освежување и зајакнување, вклучување и на нови лица, организациска поставеност, внатрешна мобилизација, за нова сила и нова енергија на СДСМ“, стои во соопштението на партијата, без конкретно да се наведат причините за предлогот на Филипче.
Ваквиот епилог на настаните го поставува и прашањето зошто претседателот на најголемата опозициска партија е единствениот кој не го напушта кормилото, иако дел од функционерите и членовите на партијата побараа целосен ресет на клучните позиции. Ова следува во контекст на фактот дека годинава во месец април, Филипче беше повторно избран за лидер на СДСМ со 18.001 глас. Оваа бројка е значително помала во споредба со претходниците на Филипче – Зоран Заев доби околу 60.000 гласа, а Димитар Ковачевски 38.000 на внатрепартиските избори.
За дел од аналитичарите, со потегот од вчера претседателот на СДСМ сака да почне од нула и „без терет да почне да го поставува новото раководство, без да има терет зошто некого сменил некого не – дали некој сработил или не сработил. „Едноставно рестарт. Новите луѓе требаат да имаат кредибилитет кај членството и доверба кај граѓаните. Но, клучно е што треба таа енергија да се пренесе и до општинските и месните организации кои се во очајна состојба“, вели за „Локално“, екс-градоначалникот на Центар и поранешен член на СДСМ, Саша Богдановиќ.

Фото: Фејсбук профил на Саша Богдановиќ
Околу тоа дали и зошто претседателот Филипче го гледа проблемот во раководството, а не во себе, Богдановиќ оценува дека „секогаш треба да се започне од себе, но, оправдувањето е дека имал само година и нешто и дека неговиот мандат уште не е завршен“.
-Ако го менуваш тимот кој што си го составил претходно и сега составуваш нов кои се гаранциите дека ќе се смени перцепцијата за да луѓето ја вратат довербата спрема СДСМ. Најлошото е што се намалува времето и потребна е акција, но, пред се и понуда и програма бидејќи луѓето бараат решенија, а не оправдувања, појаснува соговорникот.
Богдановиќ е дециден дека во СДСМ секогаш имало и ќе има луѓе кои што можат да помогнат во спасување на партијата и да застанат на позициите, но, не знае дали имаат доволно простор и шанса. Проблемот е, додава Богданвиќ, дали некој може да го обедини СДСМ во периодот кој што претстои.
По ваквиот развој на настаните, се поставува прашањето кои крила „ќе надвладеат“ сега во партијата? Екс-градоначалникот смета дека сите се борат за да добијат дел во СДСМ и да имаат повеќе и подобри позиции и да постават што е можно повеќе свои блиски и со тоа да го зголемат влијанието во СДСМ.
-Оливер Спасовски си има своја тежина во СДСМ и искуство но, дали ќе добие шанса ќе видиме, заклучува Богдановиќ.
„Се може да се спаси, додека е жив организам“ – ваков е ставот на политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски за случувањата во СДСМ. Анализира дека и покрај тоа што партијата е во своевидна „клиничка смрт“, смета дека се уште може да се спаси, доколку се почне со вистински реформи, целенасочени структурни, организациски и длабоки суштински промени со нова платформа и парадигма која ќе биде презентирна и прифатена од јавноста која била не толку одамна нивно гласачко тело.
Оценува дека е несфатливо целото раководство да поднесе оставка, а не и претседателот Филипче, бидејќи, како што вели, многу пати сум изјавил дека „ рибата смрди од главата“, односно во Македонија , граѓаните се поистоветуваат со лидерот на партијата, бидејќи таква е политичката култура и политичкиот мајндсет овие 35 години на повеќепартиска демократија.

Благојче Атанасоски/Фото: Локално
-Затоа не мислам дека нешто значително ќе се смени и да го смени целосно извршниот одбор, па дури и централниот одбор со сосема нови луѓе, кога главниот лик и позадина ќе останат тој и „другарите од Дубаи“, перцепирано во јавноста дека тие се уште ги држат и влечат конците во партијата, објаснува Атанасоски.
Според него, СДСМ е голема партија, една од двете доминантни во овие 35 години и сигурно би се нашле такви луѓе кои можат да ја спасат, но, како што потенцира, има и луѓе , на пример како актуелниот градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски, па дури и градоначалниците на Крива Паланка, Сашо Митовски и Македонска Каменица Соња Стаменкова, кои на последните локални избори, покажаа дека и покрај епскиот и катастрофален пораз на партијата, тие беа препознаени од граѓаните во своите општини и ги победија своите противкандидати, односно го добија изворно легитимитетот од граѓаните да ги водат во локалните самоуправи.
-Што значи, ако партијата, најде вакви луѓе и ги „преслика“ на сите позиции низ организациската структура и потоа бидат кандидати за јавни функции, тогаш можеме да зборуваме за заздравување на партиското болно ткиво, кажа соговорникот.
За ситуацијата со крилата во партијата, Атанасоски укажува дека тоа е веројатно еден од главните, ако не и најголем проблем на СДСМ. Според него, подвоеноста во „крила и фракции“, ја доведе СДСМ до ваква предсмртна постела.
-Ако сите добронамерни социјалдемократи не се вразумат (говорам од поранешните и актуелни влијателни кадри), не ги „закопаат своите воинствени секири“, за превласт во партијата и не седнат со здрав разум, тргнувајќи ги настрана своите суети и ега и да најдат НЗС за спас на партијата, и нејзино враќање на конкурентни стази на македонската политичка сцена, тогаш ризикуваат партијата да ја направат тотално ирелевантна и целосно маргинализирана на македонската политичка сцена, до степен на бавно и болно одумирање и целосно пасивизирање, односно само формално-правно постоење како некој застарен и оставен во времето политички субјект на кој му истекле сите „шанси и кредити“ за повторна доверба и владеење со Македонија, добиена од македонскиот електорат и граѓаните, вели Атанасоски.
По овој повод се огласи и екс-градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов кој не доби поддршка од партијата за да истрча на локалните избори во потрага по нов мандат. „Како замрзнат член, сметам дека иако дел од претходните одлуки на раководството на мојата СДСМ беа исклучително нетактични, денешниот чекор е движeње напред. Ова е одлука што треба да се поздрави, затоа што отвора простор за вистинска промена“, објави Костадинов.
Од друга страна, поранешниот висок функционер Васко Кичевски јавно го обвини лидерот Филипче дека со последните политички потези ја влече партијата во опасна зона. Според него, начинот на кој се води СДСМ не наликува на демократска организација и личи на управување мотивирано од личен опстанок, а не од интересот на членството. Кичевски смета дека Филипче се наоѓа во улога на човек кој очајнички се обидува да се одржи на позицијата и при тоа ги префрла вините за неуспесите на сите други околу себе. „Коцкарот кога губи, посегнува и по последното што го поседува, а тоа е неговиот дом,“ предупредува тој, алудирајќи дека Филипче ја става партијата на коцка само за да се зачува лично.
Пред вчерашните оставки, прва од функцијата се повлече потпретседателката Ана Чупеска, уште пред вториот круг од локалните избори. Потоа оставка си даде и кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров на СДСМ и претседател на општинската организација на партијата, Костадин Ацевски.
Филипче за лидер беше избран во јуни минатата година на вонредните избори кои СДСМ ги организираше по оставката на Димитар Ковачевски поради историски најлошиот резултат на парламентарните и претседателските избори. Тогаш негови противкандидати му беа Јован Деспотовски и Александар Бајдевски, додека Славјанка Петровска се повлече од трката ден пред изборите. Филипче ќе има мандат од четири години.
Н.П.