Оставките од ДУИ денеска ќе се достават на владина седница, според ВМРО-ДПМНЕ потегот е дефокус на јавноста

од Nikola Popovski

Условените оставки на министрите од ДУИ денеска формално ќе бидат доставени до премиерот на владина седница, потпишани поединечно од секој од петмината министри. Ова вчера го навести шефот на македонската дипломатија и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи.

Оставките, како што образложеи, по автоматизам ќе се активираат веднаш штом бидат усвоени уставните измени, без нови одлуки од партијата, како што е наведено во писмото од партискиот лидер.

Османи вчера во гостување на вестите на Тв Телма истакна дека истиот момент кога ќе се изгласат измените, со што ќе се обезбеди европската иднина на граѓаните, веднаш ќе се оди на избори.

Сега сме на крстопат дали државата ќе се изолира со земјите кои што имаат отворени прашања и влегуваат во група на држави кои што ќе треба да ги затвараат сите отворени прашања што значи целосна билатерализација на процесот или заедно со Албанија и Црна Гора ќе бидат првите земји кои што ќе станат членки на ЕУ и ќе се исполни сонот на граѓаните за подобар живот, рече меѓу другото Османи.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, оцени дека поднесувањето на оставките од министрите од ДУИ, чие ефектуирање тие го условија со гласање на уставните измени, е политички маневар за да се дефокусира јавноста.

Мицкоски вчера во гостување на ТВ Алфа рече дека правото и процедурите не познаваат постапки како условени оставки.

СДСМ во соопштението го повтори својот став – Мицкоски е единствениот политичар кој упорно тврди дека европската агенда не е иста со македонската агенда што значи дека тој има некаков друг план во однос на интеграцијата на државата.

Во Парламентот за 18-ти август е закажана собраниската седница на која ќе се разгледува предлогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот, откако тој помина во Комисијата за уставни прашања. Дебатата во Законодавниот дом може да трае до 10 работни дена. За изгласување на потребата од промена на Уставот во првата фаза се потребни најмалку 80 гласови.

Слични содржини