
Дека се влошува состојбата со медиумите во земјава постојано предупредува и домашниот независен синдикат на новинарите. Притисоците со кои се соочуваат новинарите влијаат врз нивната професионалност, велат од Синдикатот. Како негативни примери ги посочуваат се почестата самоцензура, мешањето на политиката во уредувањето на вестите, нерешениот статус на новинарите во дел од медиумите, доцнењето на платите и стравот од добивање отказ без образложение.
За лошата состојба со новинарството во земјава потврдува и згаснувањето деновиве на уште два весника, „Утрински ” и „Вест” кои по 18 години работење викендов го отпечатија последното издание . Како причина се наведува лошата финсансиска состојба на фирмата „Графички центар“, која е сопственик на компанијата „Медиа Принт Македонија“, издавач на Дневник, Утрински весник, Вест, Македонски спорт, Теа модерна и порталот Телеграф. Според проценките стотина вработени остануваат на улица.
Oвој извештај европскиот парламент го објавува по повод светскиот ден на слободата на медиумите, 3 мај. 
По истиот повод ЕУ го осудува зголемениот број закани и прекршоци против новинари. Ова се наведува во изјава на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини по повод денешниот Меѓународен ден на слободата на печатот.
„Слободниот печат е од витално значење за функционалните демократии. Го одбележуваме денешниот ден при околности кои се многу тешки за новинарството. Напади врз слободата на изразување и слободата на печатот се зголемуваат во целиот свет“, сподели Могерини.
„Слободните, разновидни и независни медиуми се задолжителни за промоцијата и заштитата на демократијата во светот. Слободата на печатот и слободата на изразување се во основата на демократијата, придонесуваат за поинтегрирано и поодржливо општество и може да помогне за намалување на тензиите и за прекин на конфликтите. Поддршката за независно, квалитетно и етичко новинарство е од фундаментално значење. Со олеснувањето на слободниот проток на квалитетни и поддржани со факти информации на теми од интерес за општеството, со исполнувањето на улогата на јавен надзорник, независните медиуми претставуваат основата на демократијата и лост преку кој владите носат одговорност за своите постапки. ЕУ се грижи почитувањето на слободата на изразување да присуствува во сите политики и програми за развој. ЕУ финансира конкретни проекти во надворешните за Заедницата држави кои го зголемуваат квалитетот на новинарството, пристапот до информации од јавен карактер и слободата на изразувањето. Од 2015 година ЕУ поддржала најмалку 45 изложени на опасност активисти, кои работат за промовирање на слободата на изразување“, смета Могерини.
„ЕУ го осудува растечкиот број закани и прекршоци против новинари и вработени во медиумите (Офлајн и онлајн). Од сите земји се очекува да ги исполнат преземените од нив, на светско ниво, обврски за заштита на слободата на изразување и за заштита на новинарите, откако ќе создадат поволна правна средина и кривично гонење за сите напади врз новинари. Во своите билатерални контакти со трети земји и на мултилатерални и регионални форуми ЕУ постојано се залага против секое законодавство или политички притисок, кои ја ограничуваат слободата на изразување, и зема конкретни мерки за спречување на нападите врз новинарите и блогерите, како и за активности за одговор, во случај на слични напади“, се наведува уште во соопштението на Федерика Могерини.