Сојот омикрон пристигна и во Македонија. Министерството за здравство информира дека секвенционирањето е направено во приватната болница Жан Митрев во Скопје, кај маж кој во земјава допатувал од Велика Британија.
-Станува збор за реинфекција, односно пациентот во јануари 2021 година ја имал прележано болеста и тогаш бил асимптоматски. По прележувањето на болеста, пациентот примил две дози од вакцината Фајзер. По втор пат позитивен тест на Ковид 19 има од пред 2 дена, по што е потврдено дека е сојот Омикрон. Во моментот пациентот има лесна клиничка слика и се лекува во изолација во својот дом, велат здравствените власти.
Сојот на коронавирус Б.1.1.529 (омикрон) беше откриен кон крајот на ноември во Јужна Африка, Боцвана, Израел и е пријавен во неколку европски земји и во САД. Експертите сметаат дека е опасен бидејќи се шири многу побрзо од другите видови и има поголем број мутации, повеќе од 30 во С-протеинот.
Од регионот, во Грција има регистрирано веќе 33 случаи на омикрон, во Албанија двајца, а во Србија е потврден првиот случај кај жена која допатувала од Боцвана.