Откриен уште еден симптом на корона, може да трае со месеци

од Vladimir Zorba
702 прегледи

Студија спроведена на стотици случаи на коронавирус во десетици земји покажа дека некои пациенти имаат симптоми неколку месеци по дијагнозата. Ова потврдува дека КОВИД-19 може да влијае на разни органи во телото, дури и откако лицето ќе се опорави.

Списокот на симптоми кои го придружуваат КОВИД-19 станува подолг. Нова медицинска студија покажува дека некои пациенти кои се опоравиле од болеста може да имаат симптоми со месеци, што се манифестира со промени на прстите, а кај еден пациент е утврдено дека т.н. „КОВИД ножни прсти“ имал скоро шест месеци по закрепнувањето од болеста, пишува „Ен-Би-Си Бостон“.

Овој симптом се манифестира во потечени прсти, додека кожата на нив е црвена или сина.

Додека повеќето дерматолошки симптоми траеле во просек 12 дена, некои пациенти го „влечеле“ овој симптом со месеци. Регистрирани се околу илјада случаи на „КОВИД прсти“ во 39 земји.

„Кога почнавме да го разгледуваме времетраењето на симптомите, некои пациенти имаа навистина неверојатно долготрајни симптоми“, изјави за Ен-Би-Си д-р Естер Фримен од Општата болница во Масачусетс во Бостон.

Таа додаде дека оваа промена во кожата кај некои траела 60 дена, додека кај двајца пациенти била екстремно долга – кај еден повеќе од 130, а кај други повеќе од 150 дена.

„Ова потврдува дека КОВИД-19 може да влијае на разни органи во телото, дури и откако лицето ќе се опорави. „Промените во кожата можат да бидат знак дека има некакво воспаление некаде во телото“, вели д-р Фримен.

Сепак, таа забележа дека овој симптом се јавува главно кај пациенти со поблага клиничка слика, па затоа рече дека нема потреба да се создава паника.