Откриена здравствената состојба на Берлускони по приемот во болница

од Nikola Popovski

Лекарот кој го лекува Силвио Берлускони од белодробна инфекција денеска изјави дека поранешниот италијански премиер добро реагира на терапијата во одделот за интензивна нега во болница во Милано, пренесе италијанската новинска агенција.

Докторот Алберто Зангрило, кој исто така ја води единицата за интензивна нега во болницата Сан Рафаеле, каде Берлускони беше примен во средата, рече дека поранешниот премиер и покрај „сериозната болест и навистина тешката ситуација, добро реагира на терапијата“, објави АНСА.

Зангрило на почетокот на неделава откри дека Берлускони (86) веќе некое време боледува од хронична форма на леукемија.

Берлускони денеска бил посетен од долгогодишниот советник Џани Лета, кој рече дека го нашол „во подобра форма отколку што очекувал“.

Претходно оваа недела, лекарите на Берлускони рекоа дека го лекуваат од белодробна инфекција. Берлускони исто така има историја на проблеми со срцето, а во 2020 година беше хоспитализиран поради инфекција со корона вирус и пневмонија.

Слични содржини