Италија одби да учествува во американските и британските напади врз воените цели на јеменските бунтовници Хути во Јемен, изјави денеска неименуван извор од италијанската влада за „Ројтерс“.
Изворот истакнал дека Италија претпочита да води мировна политика во регионот на Црвеното Море.
Додава дека италијанската влада мора да добие поддршка од парламентот за армијата да учествува во каква било акција и затоа е невозможно брзо одобрување.
САД и Велика Британија погодија повеќе воени цели на Хутите во Јемен од воздух и од море, додека Холандија, Австралија, Канада и Бахреин обезбедија логистичка и разузнавачка поддршка, соопштија американски официјални лица.
Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето претходно оваа недела изјави за „Ројтерс“ дека нападите на Хутите мора да бидат запрени без да предизвикаат нова војна во регионот.
САД и другите земји минатиот месец започнаа операција за заштита на цивилни бродови во Црвеното Море.