Оваа недела милиони Американци ги гледаат и слушаат доказите од истрагата за отповикувањето, кога од своите дневни соби ги следат јавните сослушувања во Конгресот. Како се дојде до оваа точка?
Ова е само четврти пат во историјата на САД кога американски претседател се соочува со опасност да биде принудно истеран од Белата Куќа.
Трамп е обвинет за задржување на 400 милиони долари наменети за воена помош, со цел да му изврши притисок на новиот украински претседател да покрене истрага против демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден и неговиот син. Но, американскиот претседател негира дека направил нешто незаконски.
Се работи за компликуван тек на настаните. Ова е поедноставен редослед на настаните, поделен на три дела.
1. Дипломатија
• Април 2019: Комичарот Володимир Зеленски кој нема претходно политичко искуство, беше изгласан за претседател на Украина.
• Конфликтот помеѓу Украина и Русија постои уште од анексијата на јужниот полуостров Крим во 2014 година.
• 23 мај: Средба во Белата Куќа помеѓу Трамп и само-наречените Тројца Амигоси – американски амбасадорот во Европската Унија Гордон Сондленд, секретарот за енергетика Рик Пери и специјалниот пратеник за Украина Курт Волкер. Штотуку вратени од инаугурацијата на Зеленски се упатија кон Трамп за да му дадат поддршка и да договорат средба со него. Но, американскиот претседател се изјасни дека сериозноста на Украина во борбата против корупцијата го прави скептичен и ги упати да разговараат со неговиот личен адвокат Руди Џулијани.
• 10 јули: На состанокот во Белата куќа Сондленд им соопшти на двајцата советници на Зеленски дека „истрагите “ треба да продолжат. Американската амбасадорка во Украина Фиона Хил сведочеше дека во моментот кога оваа конверзација му ја пренела на советникот за национална безбедност Џон Болтон, тој избегнал да биде вмешан во таа „матна зделка“ и ја упатил кај адвокатите на Белата Куќа.
• 18 јули: Запрена воената помош за Украина, која претходно беше одобрена од американскиот Конгрес. Причините за ова подоцна беа жестоко оспорени.
• 25 јули: Клуч на истрагата стана телефонскиот повик помеѓу Трамп и Зеленски. Според груб транскрипт, објавен од страна на Белата Куќа, американскиот претседател побарал од својот колега Зеленски да обрне повеќе внимание на Бајден и неговиот син Хантер, кој беше член на Управниот одбор на украинската компанија за гас.
• Септември: Воената помош е одблокирана откако реагираше Конгресот.
2. Свиркач
• 12 август: Службеник на ЦИА (свиркач), кој дознава за повиците, поднесе поплака до „чуварот“ на разузнавачката заедница, генералниот инспектор.
• 5 септември: Вашингтон Пост ја објавува сторијата.
• 24 септември: Претседателката на Конгресот Ненси Пелоси отвори истрага за импичмент.
- 25 септември – Белата куќа објави транскрипт од телефонскиот разговор во јули
• 26 септември: Поплаката на свиркачот е објавена – се тврди дека Трамп ја искористил “својата позиција за да предизвика мешање на странска земја” во претседателските избори во 2020 година.
3. Истрага
• 17 октомври: Шефот на Кабинетот Мик Мулвани изјави дека воената помош наменета за Украина била блокирана со цел да се изврши притисок врз Киев за да се истражат обвиненијата кои вклучуваа демократи, како и изборите во 2016 година. Подоцна ретерираше.
• 22 октомври: Поранешниот американски амбасадор во Украина Бил Тејлор на иследниците од Конгресот им кажа дека постои поврзаност помеѓу воената помош и истрагата за Бајден.
• 23 октомври: Републиканците го нарушија сведочењето за импичментот во знак на протест против недостапните сослушувања за јавноста.
• 31 октомври: Конгресот, каде мнозинство се демократите, усвои Резолуција за формализирање на процесот на отповикување и ветија јавни сослушувања.
• 4 ноември: Поранешната амбасадорка на САД во Украина, Мари Јовановиќ, изјави дека се чувствува загрозено од страна на Трамп.
• 5 ноември: Американскиот амбасадор во ЕУ, Гордон Сондленд, го демантираше своето прво сведочење со изјавата дека се сетил оти американската помош најмногу зависела од истрагата која ја побарал Трамп.