„Отворен балкан“: Се подобрува сообраќајниот пристап на ГП Табановце – Прешево со цел забрзување на протокот на возила

од Nikola Popovski

Започнуваат градежните инфраструктурни зафати на граничниот премин Табановце за проширување на пристапните сообраќајници од македонска страна што има за цел забрзување на протокот на возила и олеснување на трговијата. Активностите се во целосна координација со институциите од српска страна каде наскоро ќе започне сличен инфраструктурен зафат, информираат од Царинската управа.

Планираните активности се во рамки на иницијативата Отворен Балкан и согласно потпишаниот Меморандум помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија, во кој се содржани мерките за забрзување на движењето на возила, луѓе и стоки преку заедничката државна граница.

Од Царината потенцираат дека градежните зафати се очекува да завршат во првата половина од следниот месец, пред почетокот на туристичката сезона.

Исто така, во периодот што следи ќе започне да се применува и мерката за признавање на потврдите за вагање на товарните возила помеѓу Царинските управи на двете земји, со што ќе се намали времето за спроведување на царинските формалности.

Дополнително, Царинската управа работи и на воведување на концептот на т.н. паметни граници, што подразбира поставување нова опрема, односно нов систем за видео надзор и препознавање на регистарските таблички на возилата интегриран со читачи на кодови на документи, како и поставување на нови автоматизирани рампи и ваги.

-Овие мерки ќе придонесат за забрзан проток на граничниот премин Табановце и намалување на трошоците на патниците и економските оператори, што ќе влијае позитивно на меѓународната трговска размена во регионот, појаснуваат од Царината.

Слични содржини