Оваа Влада нема да се повлече од преговорите со ЕУ, вели Мицкоски

Апсолутно ние никогаш нема да се повлечеме од преговорите со ЕУ, тоа не е цел на оваа Влада, напротив наша цел е да бидеме дел од ЕУ. Околу поднесокот на поранешната пратеничка Поповска таа треба да ви даде одговор, да почекаме Уставниот суд да донесе конечна одлука поврзана со таа иницијатива, рече Мицкоски.

од Vladimir Zorba
29 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Штип истакна дека „апсолутно никогаш нема да се повлечат од преговори со Европската Унија“ и оти „цел на оваа Влада е државата да стане дел од Унијата“.

Тој одговараше на новинарско прашање да даде коментар околу иницијавата поднесена од поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ Лилјана Поповска до Уставниот суд за оспорување на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, за што Уставен отвори предмет, при што упати дека за тоа најдобро е да се праша поранешната пратеничка, но и да се почека одлуката на Судот.

-Апсолутно ние никогаш нема да се повлечеме од преговорите со ЕУ, тоа не е цел на оваа Влада, напротив наша цел е да бидеме дел од ЕУ. Околу поднесокот на поранешната пратеничка Поповска таа треба да ви даде одговор, да почекаме Уставниот суд да донесе конечна одлука поврзана со таа иницијатива, рече Мицкоски.

Уставниот суд завчера информира дека е формиран предмет во кој е оспорен Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија донесен на 17.07.2022 година во Софија, за кој во тек е претходна постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука.

Подносител на иницијативата е поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ Лилјана Поповска, која наведува дека со оспорениот Протокол е прекршен Уставот и тврди дека има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.