Пабло Ескобар и по смртта прави хаос во Колумбија: Овие животни кои ги доведе од Африка дивеат и рушат се пред себе!

од Aleksandar Petrovski
223 прегледи

Нилските коњи кои во последните децении неконтролирано се намножиле во Колумбија, станале голем проблем, бидејќи животинското царство кое некогаш му припаѓало на нарко-кралот Пабло Ексобар повеќе никој не може да го контролира, а решение немаат ни експертите за стерилизација.

Ескобар на врвот од своето нарко-владеење во 80-тите години од Африка прошверцувал четири нилски коњи за својата приватна зоолошка градина, која била дел од неговиот огромен ранч на хациендата „Наполес“, сместен меѓу Меделин и Богота, каде живееле ноеви, жирафи, антилопи и слонови.

Трите женки и еден мажјак живееле на почетокот на големото езеро на имотот на кој преку ден се релаксирале, а навечер шетале. Ескобар им дозволувал на луѓето да доаѓаат и да ги разгледуваат животните. По неговото убиство во 1993-та година хациендата пропаднала, животните нашле нов дом, но никој не сакал да ги згрижи Нилските коњи, животни кои може да тежат и по неколку тони.

Четири децении подоцна, тие станале диви, дел од нив побегнале од имотот и сега живеат во Магдалена, најдолгата колумбиска река.
Според проценките ги има некаде околу 80, а како што велат експертите, во наредните 10 години би можеле да бидат и 150.

Карлос Валдерама, ветеринар од локалната еколошка група која, како што се наведува, прва направила стерилизација на нилски коњ во дивината, вели дека не е оптимист дека проблемот ќе се реши.
„Животното беше толку големо што ни беше потребен кран, постапката траеше 12 часа. Тоа што е позначајно е дека истата е направена во Колумбија, на илјада километри од нивниот природен дом во Африка”, рекол Валдерама.

Потсетува дека во природниот дом во Африка нивната популација зависи од сезонските суши, кои им ја ограничуваат храната и територијата, но и дека сето тоа го нема во Колумбија. Немаат ни природни непријатели, иако во близина на имотот имало јагуари кои биле премали за да нападнат еден нилски коњ.
„Јагуарот е наш најголем предатор, но тој има сто килограми во споредба со двата тони, колку што тежи еден нилски коњ, и тие тука не можат ништо”, рекол Валдерама.

Биолозите нагласуваат дека нилските коњи го нарушуваат екосистемот и ја загадуваат реката. „Бактериите може да доведат до намалување на нивото на кислород во водата и може да предизвикаат смртност кај рибите и штетно цветање на алгите”, рекол експертот од Универзитетот во Калифорнија, Џонатан Шурин.

Некои гледаат решение во изградба на резерват, но Колумбија за тоа нема 500.000 долари.

Валдерама вели дека ги видел на 250 километри од хациендата.