Маргарита Цаца Николовска: Реваншизмот е грда слика на едно општество

од desk4
1,5K прегледи

Општината Јагуновце на удар на новиот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Димитар Костадиновски. Ден – два по неговото доаѓање, од работа  избркал шест вработени  со договор на дело. Од општината стравуваат дека  ова не е крај бидејќи „кметот“ Костадиновски од партијата на Христијан Мицкоски, веќе пуштил абер дека иста судбина ќе имаат и други вработени. Ваквата вест преку социјалните мрежи ја потврди претседателот на општинската организација Јагуновце на СДСМ Александар Стефановиќ,  објавувајќи дека градоначалникот Коостадиновски без парче леб ги оставил семејства на избрканите, со што на дело ја покажал „осветничката и нехуманата политика на ДПМНЕ. Тој ја информира јавноста дека Костадиновски без конституиран Совет и оглас за вработување, од први ноември вработил свои сопартијци.

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, за „Локално“ вели дека  појава на реваншизам во Македонија, без разлика кој и да дојде на власт, еднаш за секогаш  треба веќе да престане, бидејќи тој не претставува убава слика за новодојдените градоначалници.

– Синдикалните организации треба да бидат тие кои на ваквите појави веднаш треба да реагираат. Исто така  брзо треба да алармираат и невладините организации кои се занимаваат со ваквата проблематика. Најверојатно со ваквиот пристап новодојдениот градоначалник сака да покаже – сила. Тоа не е во ред, бидејќи и во давањето на откази има процедура која треба да биде запазена. Затоа оштетените од општината Јагуновце правдата треба  да ја бараат низ институциите бидејќи немаат друго решение. Во секој случај, народот и ова ќе го препознае како негативен момент, бидејќи тоа е еден негативен пристап на новиот градоначалник, во насока на тоа, што тој како политичар сака да направи. Во секој случај предметите треба поединечно да се анализираат. Треба да се видат и аргументите за таквата одлука на новиот градоначалник. Сепак ваквата  слика не е убава.  Да дојдете денеска на работа и влеќе од  утре да почете на вработените да им делите откази. Реваншизам воопшто не треба да има, бидејќи дава грда слика на  едно општество, вели Цаца Николовска.

Стефановиќ од СДСМ на социјалните мрежи напиша дека екс градоначалникот од редовите на неговата партија Дарко Блажевски за време на целиот свој четиригодишен мандат имал коректен однос со сите вработени во општината без разлика на нивната политичка или верска припадност

-Ниту еден вработен не беше деградиран или омаловажуван за целиот негов мандат. Впрочем во таа администрација и работеше сегашниот градоначалник заедно со неговата сопруга без никакви проблеми по нив. Осветничката и нехуманата политика е во основа на ДПМНЕ што на дело ја покажа новиот градоначалник Димитар Костадиновски. Без конституивен Совет и без никаков оглас за вработување, само воден од партиска и сопствена желба на 01.11.2021 веднаш почна да вработува несоодветен кадар негови партиски војници и послушници. Режимот повторно се враќа во нашата општина, но исто така да им ветиме дека ОО на СДСМ Јегуновце секогаш била и ќе биде отворена за соработка со секого и сите поплаки и сугестии ќе бидат прифатени, се со цел разобличување и праведно информирање на пошироката јавност, вели Стефановиќ во својата објава на социјалните мрежи.

Во меѓувреме лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски постојано ја убедува јавносата дека сите кои работеле според процедури и закон не треба да бидат загрижени за своите работни места. Таква изјава за последен пат даде два дена пред вториот круг на локланите избори.

-Секој оној кој работел чесно и кој работел според процедура и закон не треба да се грижи. Неговото работно место е безбено. Тој со својата плата обезбедувал егзистенција за своето семејство за своите и деца. Секој оној кој не работел според процедури и според закон а такви се малкумина, можат во секоја општина да се бројат на прсти, тие кој што биле околу менаџментот на тие општини раководени од кадрите на СДСМ, тие навистина треба да се загрижени, затоа што основната наша битка во овие избори беше дека конечно после 30 години порази, после 30 години криминализирање на сите пори во општестовото, ќе го ослободиме општеството, ќе се работи по закон, ќе се работи по процедура ќе се работи чесно и исполнтелно. Тоа е она што градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и го започнаа веднаш по преземањето на управувањто на општинте, рече Мицкоски.

Опозицискиот лидер Мицкоски  такви пораки испраќаше и за време на партиските митинзи во изборната кампања на локалните избори каде говореше дека до него стигнувале информации од повеќе општини и градови дека локалните функционери на СДСМ им се заканувале на вработените во администрацијата, дека доколку дојде до промена на власта, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги брка од работа. Мицкоски тогаш говореше „Ние не сме Зоран Заев, живи луѓе не јадеме“ и дека затоа луѓето не требало да се плашат.

-Сигурни се нивните работни места, и на овие избори да излезат на гласање и слободно и независно од било какви притисоци да си ја изразат својата волја позад параванот. Не се плашете затоа што тие кои го велат тоа треба единствено тие да се плашат затоа што јас ги гледав во очи и им велев ќе одговарате за сите криминали. Луѓето кои работат за плата не смеат да бидат мета на политички прогон, ниту пак ми паѓа на памет да правам некаква одмазда кон недолжни граѓани. Треба и конечно да заврши времето кога луѓето кои се недолжни ќе треперат за тоа дали ќе се промени власта затоа што може да останат без работа. Јас и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе се занимаваме со работа, проекти и развој, и за тоа е потребен секој еден човек, а не со чистки, притисоци и реваншизам“, рече Мицкоски.

Од ваквите ветувања на Мицкоски поминаа сам два дена а  во општината Јагуновце од своите работни места градоначалникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Димитар КОстадиновски од работа избрка шест вработени со договор на дело.  Во општината стравуваат дека бројот на оние кои ќе останат на улица ќе биде поголем.
Б.Т.

Слични содржини