Панел: Руското влијание на Балканот

од Vladimir Zorba
101 прегледи

  Различните перцепции за улогата на Русија на Балканот ги обединува едно – поддршката од јавноста за евроатлантската преспектива на регионот, која, како што е извесно, е загрозена од недемократските и антагонстички практики на Русија овде.

Руското засилено влијание на Балканот се детектира во многу области, од енергетско-индустрискиот комплекс, до зајакнатите воено-безбедносни врски, медиумите и големите културно-историски наративи.

Русија се наметнува со антагонизам на тие простори, бара премногу и за возврат не дава ништо освен митови за „православното славјанско братство“ и мртвородени проекти како евроазиски економски сојуз.

Ова се заклучоците од панелот посветен на руското влијание во Западен Балкан одржан вчера во унверзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон.

Модериран од професор Данил Сервер, познат коментатор за американската политика во регионот, на панелот учество зедоа претставници од Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија.

За Стив Рукавина, претседател на Национална федерација на хрватски Американци, неговата матична земја е пред сериозна опасност од зголемената милитаризација на Србија со помош на Русија.

Федерацијата на Хрватите во Америка има силно лоби на Капитол хил. Со помош на пријателство со неколку конгресмени, како Елиот Енгел, демократ од Њујорк и Роберт Адерхолт, републиканец од Алабама, таа во декември издејствува да се поднесе амандман на законот за финансирање на одбранбните сили на САД за фискална 2018 година, со препорака да се обрне внимание на снабдувањето на српската армија со руско оружје и воена опрема.

– Законска обврска на американското Министерство за одбрана сега е да проучи во какви односи се Русија и Србија и да издаде студија за одбранбено-безбедносите ангажмани на Руската Федерација во регионот, со попис на руските воени орудија и системи во земјата, изјави Рукавина.

Според некои информации, од 2012 до денес Москва на Белград му испорачала оружје и воена опрема во вредност од повеќе од 1 милијарда долари. Помошта следи и преку разни обуки на руски специјални и армиски сили во Србија и Република Српска (РС).

Ова го потврди и Рауф Бајровиќ, поранешен министер за енергетика на Босна и Херцеговина.

-РС во 2016 година потпиша меморандум за полициска соработка со полицијата на Москва. После посетата на претставници на МВР на РС на руската престолнина, руски специјални сили неколкупати вршеа обуки на регуларни и паравоени сили во Бања Лука неодобрени од федерацијата на Босна, изјави Бајровиќ.

Според Рукавина, извештајот на Министерството за одбрана треба да оцени каква опасност по националаната безбедност на соседните земји претставуваат српските воено-полициски сили и како руските воени напори во регионот влијаат врз соработката на Србија со САД и НАТО.

– Српско-рускиот хуманитарен центар во Ниш е потенцијална воена база на Москва, и во случај на измена на неговиот статус тоа ќе стави крај на напорите за зачленување на Србија во НАТО, потенцираше Рукавина.

Тој додаде дека не треба да се занемарат и напорите руски капитал да се вовлече во нафената индустрија на Хрватска со обидите на некои бизнис тајкуни од Москва да ги откупат акциите што унгарскиот нафтен гигант „МОЛ“ ги има во „ИНА“.

Мето Колоски, претседател на Обединета Македонска Дијаспора, се осврна на митот за наводното руско-македонско „православно братство“.

-Никогаш во историјата на Македонија царска или пак модерна Русија се нема ставено во заштита на македонските стремежи за национална и државна самобитност, истакна тој.

Тоа започна со Сан-стефанскиот договор во 1878 и голема Бугарија, продолжи со Граѓанската војна во Грција кога Сталин им ја отстапи земјата на Англичаните кои замижаа на егзодусот на македонското население од Егејска Македонија, и продолжува до денес, со рускиот антагонизам во однос на членството на Македонија во НАТО.

Понатаму, Колоски истакна дека културно и цивилизациски Украина, а не Русија, е многу поблиска со Македонија.

-Од историјата знаеме дека многумина украински зографи работеле на фрескоживописот по македонските цркви и манастири, додека Украина широкоградо даваше економска и воена помош кога на Македонија и бише тешко, како на пример за време на кризата во 2001.

Тој укажа дека зголемената улога на САД во земјата и поддршката дадена за членство во НАТО беше главната апричина за „влезот“ на Русија во македонските внатрешни работи.

-Никогаш досега Сергеј Лавров и руското МНР немаа дадено толку многу изјави за Македнија како што тоа беше во изминативе четири години. Никулците на руското влијание во земјата се појавија во 2008 , кога Македонија беше широкоградо поддржана од САД за членство во НАТО, блокирано со грчкото вето.

-Во врска со ова сакам да прашам, зошто некој не се позанимава со руското влијание во Грција, и за тоа дека оваа земја постојано настапува како Тројански коњ на Москва во ЕУ, додаде Колоски.

Загриженост за руската агресивна кампања со ширење дезинформации и лажни вести изрази Јелена Милиќ, директор на белградскиот Центар за евро-атлантски студии.

-Нашиот центар и јас лично сме жртви на постојани закани со употреба на речник на омраза од страна на поединци и медиуми поддржани од Русија, изјави таа. Во еден момент, поради загрозеност по нејзиниот живот, Милиќ се наоѓала под 24-часовна полициска зашита.