Директорот на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Масимилијано Паолучи, денеска истакна дека глобалните фискални кризи ја прават темата за фискално управување поважна од било кога.
„Темите за кои дискутираме денес се од глобално значење, особено поради економските неизвесности и фискалните предизвици кои го погодија не само регионот, туку и целиот свет“, порача Паолучи на презентацијата „Фискално управување во Европската Унија и улогата на Фискалниот совет“ пред членовите на собраниските комисии за финансирање и буџет и за економски прашања, труд и енергетска политика.
Паолучи посочи дека јавниот долг на Северна Македонија значително се зголемил во последните години.
„Јавниот долг во Република Северна Македонија сега изнесува 62,4 проценти од БДП, што е 14 проценти повеќе од нивото пред пандемијата. Ова зголемување се должи на постојаните фискални дефицити кои просечно изнесуваат 5 проценти годишно“, истакна тој во своето обраќање во салата „Борис Трајковски“ во Собранието.
Паолучи нагласи дека новите фискални правила и институции можат да помогнат во стабилизирањето на јавните финансии, но само доколку се спроведуваат со јасна политичка волја.
„Без политичка волја за нивно спроведување, фискалните правила не можат да гарантираат одговорна фискална политика. Потребна е подлабока дебата за тоа како функционираат и дали се ефикасни“, рече Паолучи.
Според него, и другите земји од Западен Балкан спроведуваат мерки за зачувување на економските придобивки и намалување на финансиските и човечките капитални разлики.
„Процесот на пристапување кон ЕУ бара транспарентност во јавните финансии, што вклучува доверливи јавни сметки и статистики. Се надевам дека на оваа конференција ќе ги разгледаме клучните рамки за стабилизирање на јавните финансии“, додаде Паолучи, изразувајќи благодарност до Фискалниот совет за поддршката во организацијата на настанот.
Попладнево во скопскиот хотел „Мериот“ ќе се одржи конференција на истата тема.