Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјавил дека ќе излезе во пресрет на студентите во блокада, така што парламентарните избори ќе се одржат пред предвидениот рок, пренесува агенцијата Бета.
Вучиќ рекол дека за ова ќе одлучат „надлежните институции“.
Распишувањето на предвремени избори е едно од барањата на масовните антивладини протести во Србија што започнаа поради несреќата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица.
Вучиќ, исто така, изјавил дека студентите во блокада одговориле негативно на неговото извинување, за острите зборови што ги изговорил за нив, бидејќи „тоа е младината, во револуционерна екстаза трчаат пред да размислат“.
„Моето извинување беше искрено, не за да му се додворувам на некого, не затоа што, како што мислат некои, се плашев, туку во желбата да ја променам атмосферата во општеството“, рекол Вучиќ, за време на обиколката на градилиштето на Националниот стадион како дел од проектот EXPO.
Тој рече дека порано реагирал емоционално на „ирационалните навреди“, но дека може да го признае тоа, за разлика од неговите политички противници.
На 31 октомври, Вучиќ им се извини на „студентите, демонстрантите и другите луѓе“ за некои изјави и ги повика на дијалог.