Парламентарното мнозинство ги избра новите министри во Владата

од Nikola Popovski
241 прегледи

Доцна синоќа со 65 гласа „ЗА“ Собранието ги избра четирите нови министри во Владата предводена од премиерот Димитар Ковачевски. Нови министри во владиниот кабинет се Кренар Лога (Алијанса за Албанците) за министер кој ќе раководи со Министерството за правда, Фатмир Меџити (АА) за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство, Азир Алиу (АА) за министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација и Каја Шукова (СДСМ) за министерка која ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Реконструкцијата на Владата доаѓа откако во владеачкото мнозинство влезе и АА што беше причина претходниот партнер, партијата Алтернатива, да замине во опозиција.

Од 114 присутни пратеници, „ЗА“ Шукова, Лога и Меџити гласаа 65, додека за Алиу гласаа 64 пратеници.

Министрите по гласањето дадоа свечена изјава.

Каја Шукова е Дипломиран инженер технолог и на позицијата Министерка за животна средина и просторно планирање позиција би дошла како досегашен државен секретар за екологија во министерството. Нејзините квалификации се поврзани со заштитата на животната средина во насока на одржлив развој и заштита на воздух, води, почви и природни ресурси од загадување, развивање на политики, програми и проекти од областа на животна средина и одржлив развој, проекти за одржлив развој на Северна Македонија, како и бројни извештаи поврзани со животната средина. Шукова својата стручна кариера ја има надградувано со повеќе обуки и доквалификации на домашно и меѓународно ниво, а сите со специјалноста за заштита на животната средина.

Азир Алиу е доктор по информатички науки и магистер по електротехника. На позицијата нов министер за информатичко општество и администрација, би дошол како редовен професор на Универзитет на Југоисточна Европа во Тетово. Неговото работно искуство е во областите на компјутерска архитектура, оперативни системи, контролни системи, машинско учење, мултимедија системи, вештачка интелигенција и друго. Алиу во своето екстензивно академско искуство работи на теми поврзани со интелигентни системи, анализа на сигнали и мулти-резолуциони слики, обработка на медицински слики, машинско учење, паралелно програмирање итн, во кои области има издадено и повеќе научни трудови.

Кренар Лога е дипломиран правник и магистер по дипломатија, на местото нов министер за правда би дошол од Државната изборна комисија. Лога има долгогодишно искуство во областа на правото. Во своето работно портфолио во делот на правните работи, Лога работел на раководни позиции, односно во изминатите години бил раководител на секторот за управување со човечки ресурси во Државното правобранителство на Република Северна Македонија, раководител на сектор за правни прашања и општи работи во Општина Струга каде што бил и советник за правни работи. Поседува сертификати од меѓународни организации во делот на демократија и лидерство, политики на Европската Унија, и други сертификати за учество во меѓународни работилници.

Д-р Фатмир Меџити е специјалист-невролог на универзитетската клиника за Неврологија во Скопје. На позицијата нов министер за здравство би дошол како долгодишен лиценциран лекар и специјалист по неврологија. Во своето работно искуство бил член и претседател на управен одбор– Фонд за здравствено осигурување на Македонија, како и советник во кабинет на министер за здравство во 2017 година. Својата кариера ја има надградувано преку учество на бројни светски симпозиуми во областа на неврологијата. Меџити е е член на Лекарската комора на Северна Македонија, Македонско лекарско друштво, Македонско невролошко здружение и на Европската академија за неврологија.

-Како Влада, продолжуваме, ефикасно да ги спроведуваме реформите во интерес на граѓаните и ќе го зајакнуваме парламентарното мнозинство, по трасираниот, европскиот пат, со цел членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, како национален и стратешки државен интерес, соопштија синоќа од Владата после најавената реконструкција.

Седницата продолжува утре во 14 часот со точка за именување на нивни заменици.

Слични содржини