Партиите ги отворија картите: „Пристапот на Мицкоски и Силјановска потсетува на тонот на Трамп и Орбан, Пендаровски со духовит обид го критикува оптимизмот на соперниците“

од Nikola Popovski

Најголемите партии со зафатен викенд зад себе. Актуелниот претседател Стево Пендаровски и професорката и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова викендов официјално ја добија партиската поддршка за кандидатурата за претседател на државата, но и поддршката од граѓаните, откако ги собраа потребните 10.000 потписи. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека поддршката на Давкова ја потпишале најмалку 27.000 граѓани. Од штабот на СДСМ, пак, ја објавија бројката од 22.000 потписи за кандидатурата на Пендаровски за вториот претседателски мандат. Беа испратени и пораки од лидерите на партииите, особено изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој со „груба“ реторика им порача на други двајца кандидати, Билјана Ванковска и Стевче Јакимовски дека се „измеќари“ и „одработувачи“.

Какви пораки се испратија викендов?

Според аналитичарите, сами по себе овие настани се во контрадикција со декларираната политичка „независност“ на кандидатите, но од друга страна е невозможно да се влезе во ваков натпревар без поддршка на партиски бази, па оттаму и тековниот предизвик за кандидатите да ги убедат особено партиски неопределените избирачи да ја дадат нивната поддршка.

Тони Поповски

-Тука, клучна ќе биде нивната посветеност на автентичните граѓански каузи, но и како ќе го понесат багажот на партиите во смисла, која од овие две партии но и самите кандидати, има направено повеќе или помалку за овие каузи, вели политикологот и граѓански активист, Тони Поповски во разговор за „Локално“.

Секако, додава тој, можеби и клучната граѓанска кауза е поврзана со перспективата за зачленување во ЕУ и најмногу поради потребата да се воспостават соодветни стандарди за владеење на правото, заштита на човековите права и слободи, намалување на нееднаквостите, поотпорни населени места на климатските промени и заштита на животната средина, како потипични граѓански теми.

-Силјановска-Давкова повика на човечки и граѓански пркос и на неопходни промени, на што се надоврза Мицкоски со осуда на уцените, диктатите и туѓите агенди кои предизвикале  понижување и одземање на достоинството, и дека е време Македонија повторно да стане горда држава. Сето ова проследено и со остра критика за Пендаровски и СДСМ и обвинување за понизност кон меѓународната заедница. Во многу нешта овој пристап потсетува на тонот и реториката на Трамп и Орбан и е карактеристичен за политички формации кои инклинираат кон крајната десница. Интересно е и што многу помало внимание на нивниот настан, Силјановска и Мицкоски посветија на корупцијата и на ДУИ, што може да се подразбере и како постепено префрлање на двете теми во втор план. Причината може да се побара и во проценката дека ВМРО-ДПМНЕ нема доволно кредибилитет да ги пласира овие теми на неопределни избирачи, посочува Поповски.

Од своја страна, потенцира политикологот, Пендаровски и Ковачевски имаа конзистентни обраќања на нивната основна заложба за брз исчекор во преговорите со Европската Унија, како интегрално решение за сите предизвици со кои се соочува Републиката во моментов, но и пат кој обезбедува внатрешна стабилност, како и стабилен раст и перспектива за поголема благосостојба, притоа со критика и обвинувања до ВМРО-ДПМНЕ за застој во процесот на европските интеграции но и предупредувања дека нивната политика ќе предизвика крупни последици.

Околу наративот на Мицкоски и вчерашните обвинувања кон Ванковска и Јакимовски, Поповски вели изборите сами по себе имаат сценско – наративни одлика на политички театар, така да може да очекуваме и други, па и погруби етикетирања и обиди за дискредитирање на политичките конкуренти.

-Поконкретно за оваа изјава на Мицкоски, нејзината позадина ја гледам во полагањето на правото на ВМРО-ДПМНЕ на целокупниот базен на протестни гласови, па оттаму и нервозата поради одлевање на дел од овие гласачи кај Левица и Ванковска, односно кај Јакимовски. Треба да имаме во предвид дека претстои прв круг на гласање на претседателските избори каде целта е да се оствари колку е можно подобар резултат, но и дека за вториот круг се сосема извесни преговори за поддршка на Силјановска, особено од страна на Ванковска, имајќи го предвид нивниот силен идеолошки пресек во доктрината на националниот суверенизам, но и повеќегодишното лично пријателство.  Кај Јакимовски е карактеристична одлуката да игра на национал-популистичка карта дури и со потврдокорна реторика од таа на Силјановска, но не сум убеден во автентичноста на тие пораки и мое мислење е дека Јакимовски се обидува да влезе во процес на тргување со гласови за постизборно влијание, оценува соговорникот.

За вчерашните пораки на Пендаровски од Конгресот на СДСМ, Поповски вели дека за очекување е сите кандидати кога влегуваат во изборен натпревар, да влезат со голема  самодоверба, ентузијазам и верба во победа. Во спротивно самите би ги деморализирале сопствените избирачи.

-Не ми се познати наоди од анкети кои не се јавно објавени, а притоа како политиколог имам резерва кон анкетни истражувања спроведени од наклонети партиски институти, па и телефонско анкетирање кое најчесто дава реактивен резултат. Во очекување сум на посериозни и пометодично направени анкети по можност лице-в-лице со испитаниците, а кои даваат поверодостоен резултат. Во таа смисла би можел само да шпекулирам за трендовите.  На крај, за изјавата на Пендаровски за условеното зачленување во ВМРО – ДПМНЕ, мислам дека претставува еден духовит обид да се критикува оптимизмот на соперниците за видоизменување на рамката за преговори, како и одредени аспекти на билатералните односи со Бугарија, и поврзани очекувања. Очигледно, Пендаровски, предлозите на другата страна ги смета за нереални, неостварливи и како такви за политичка демагогија, заклучува политикологот.

Дали не очекува популистичка кампања?

Од друга страна, поранешниот дипломат и поранешен претседателски кандидат, Нано Ружин очекува интересна дебата, можеби поинтересна од онаа што ќе ја водат партиите за парламентарните избори. Како што вели, општите констатации се дека позициите на Пендаровски и Силјановска-Давкова се речиси изедначени и можат да одлучат гласовите на сојузниците и припадниците на албанска етничка заедница.

Нано Ружин

-Во однос на останатите кандидати, видовме дека Мицкоски бара „чисти сметки“. Јакимовски не му беше сојузник, но за Ванковска делува зачудувачки ваквата изјава. Кога напаѓате во избори или очекувате слично бирачко тело, за да добиете гласови, можете да го загрозите својот кандидат, во случајот Силјановска Давкова, порачува Ружин во разговор за „Локално“.

Според него, целта на Ванковска е да го зголеми рејтингот на Левица, додека Јакимовски може да размислува за неговата афирмација чија цел и амбиции, како што оценува, не е претседателското место, туку да остане градоначалник на Карпош, во чија функција и не се снаоѓа лошо.

-Мислам дека тука не може да дојде до револуционерни ослабнувања, но може согласно изедначеноста на нивните позициии, да влијае на одреден процент кој што наместо да гласаат за пратеничката, би гласале за Ванковска, посочува Ружин.

Истакнува дека сите дебати ќе се водат околу три прашања – Договорот од Преспа, Договорот со Бугарија и францускиот предлог.

-Тука има многу популистички пристапи бидејќи сите до еден, освен можеби Османи и , нема да го стават под знак на прашање овие договори, но знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ на чело со Силјановска-Давкова ќе настапуваат со ветување дека ќе ги поништат овие договори, иако ни е јасно дека тоа не е важно. Тоа лепи за народот, свесни се дека можат да го манипулираат. Гледам дека и Пендаровски бара внесување на Македонците во бугарскиот Устав, но и тоа е популизам. Во моментов нема проблеми со Бугарија, туку обврски кон ЕУ. Како и да е, кампања е и секој има своја стратегија. Очекувам интересна кампања со доста дебати и во која што оние ќе настапат најпаметно и проевропски, ќе ги добијат симпатиите на изборното тело, наведе Ружин.

Пред Пендаровски и Силјановска Давкова, потребниот број потписи го собраа Бујар Османи како кандидат на ДУИ, Арбен Таравари од коалицијата Вреди, Максим Димитриевски како кандидат на ЗНАМ, Билјана Ванковска од Левица и Стевчо Јакимовски од ГРОМ.

Според последниот пресек на Државната изборна комисија, Мерсиха Смаиловиќ, која е поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз има 1.411 потписи, Вело Марковски како независен кандидат има 1.402 потписи, Господин Попоски од Вевчани обезбедил поддршка од 109 граѓани, а независната кандидатка Зорица Цветковска собрала вкупно 195.

Рокот за собирање потписи завршува на 8 март на полноќ. Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај, за кога се закажани и парламентарните избори. Изборната кампања за претседателските избори почнува на 4 април, а за парламентарните на 18 април.

Н.П.

Слични содржини