Патниците на авионите од Кина за Грција ќе мора да имаат негативен тест за корона, не постар од 48 часа пред пристигнувањето, е новото барање што ќе биде објавено наскоро, соопштиле денеска двајца грчки владини претставници.
Групата на ЕУ за интегрирана политичка криза (IPCR) препорачала во средата земјите-членки да воведат ограничувања за патниците кои пристигнуваат од Кина.
„Грција ќе бара тест за корона за луѓето кои патуваат од Кина“, изјавил неименуван функционер за Ројтерс по состанокот на владата.
Официјален претставник на Министерството за здравство, исто така, ја потврдил одлуката и рекол дека на патниците кои се качуваат на транзитни летови од Кина им се препорачува да носат заштитни маски.
Слични мерки претходно воведоа САД, Канада, Австралија, Јапонија, Индија, Шпанија, Италија и Франција.
Во Кина, бројот на заразени со корона вирусот се зголеми откако Пекинг почна да ги укинува мерките за нулта толеранција против корона вирусот на почетокот на минатиот месец, вклучително и повеќето ограничувања за патувања во странство.