Патниците плаќаат превоза, а добиваат расипани автобуси, без греење и скршени седишта

од Берта Китинска

Туристичките агенции кои нудат аранжмани со вклучен автобуски превоз секако  треба да бидат сигурни дека автобусите со кои ќе ги превезуваат патниците се пред се безбедни, технички испитани и без недостатоци, вели во изјава за „Локално“ , Татјана Тасевска правен советник во Организација на потрошувачите на Македонија.

Исто така треба да се внимава истите да поседуваат лиценци, објаснува Тасевска додавајќи дека удобноста и растојанието помеѓу седиштата  како и  хигиената мора да бидат на високо ниво.

Таа напоменува дека често патниците при своето патување  се возат со стари и дотраени автобуси.

-Многу често во пракса за жал патниците се возат со стари и дотраени автобуси, каде и хигиената не е на завидно ниво. Се случува истите да се расипуваат во текот на патувањето, да не работат системите за ладење и греење,  да има скршени наслони на седишта, истите да се многу набиени во повеќе редови и слично, објаснува правниот советник во ОПМ.

Според податоците на ОПМ, патниците најчесто се жалат на недоволна хигиена и удобност на автобусите.

– Сме имале поплаки во поглед на недостаток на седишта односно продадени повеќе аранжмани, а во автобусот има помалку седишта,  поплаки во поглед на ладење и греење кое во некој автобуси го нема или е на предниот дел од автобусот појако,а на задниот дел многу послабо. Имало и поплаки кога патниците се соочиле со расипани автобус во текот на патувањето, па истите биле принудени да чекаат на патот со часови додека не дојде заменски автобус или истиот не се поправи , објаснува Тасевска.

За тоа дали граѓаните се подготвени да ги тужат туристичките агенции, од ОПМ велат дека досега немаат сознание за покренување на судска постапка од страна на патници поради несоодветна услуга од страна на превозникот 

-Причината поради која патниците ја избегнуваат судската постапка е спороста на постапката и високите судски такси. Сепак се надеваме дека со донесувањето на Новиот Закон за заштита на потрошувачите кој е во подготовка, ќе заживее колективното застапување на потрошувачите, па вакви постапки ќе се водат многу повеќе, смета Тасевска.

Б.М.

Слични содржини