Косовскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Беџет Пацоли по вчерашниот напад во Белград врз фурна сопственост на Албанец, ја нарече Србија „комбинација на криминални режими, пропаднати држави и тоталитарни режими“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Шефот на косовската дипломатија синоќа преку својот Фејсбук порача дека „демократијата не вреди за тие кои не се Срби во таа држава“.
– Во однос на остварувањето на правата на Албанците кои живеат во таа држава, Србија е комбинација на криминални режими, пропаднати држави и тоталитарни режими. Таквиот менталитет претставува сплотеност на фашизмот под одората на парамилитарците и криминалните банди заедно. Демократијата не вреди за тие кои не се Срби во таа држава и не разбирам како тоа тежнеат да се приклучат кон Европска Унија, напиша Пацоли.
Медиумите јавивја дека вчера во Белград група демонстранти блокирале фурна во сопственост на етнички Албанец, при што внатре фрлиле свинска глава, а излогот ѝ го излепиле со постери со картата на Косово покриена со српско знаме.
Протестот на неколку десетици граѓани во населбата Борча, каде што се наоѓа фурната „Рома“, е одржан откако еден од вработените во фурната на својот Фејсбук објавил слика на која го покажува симболот на двоглавиот орел од албанското знаме.