Пекевски: Се уште постојат предрасуди за консултантите дека продаваат магла

од Vladimir Zorba

Многу менаџери или сопственици имаат бизнис, а не се ни свесни дека имаат потенцијал кој можат да го искористат за да изградат бизнис империја. Стравот или штедењето во ресурси ги спречува во тоа, вели Синиша Пекевски – бизнис консултант во интервју за Локално.

Тој вели дека повиците на ФИТР се одлични, но средствата кои се одвојуваат се малку со оглед на големиот интерес на компаниите да учествуваат со апликации.

Во однос на професијата, тој смета дека се уште постојат предрасуди за консултантите дека „продаваат магла“ и или дека нивните услуги се скапи.

Дополнително, според Пекевски, консултантите се потребни затоа што работите ги гледаат од повеќе аспекти и од различна позиција и помагаат да се дојде до оптимално решение за секој предизвик кој се појавува во работењето на компанијата

Во последниот период се објавени голем број на повици за финансирање на компаниите. Колку македонските компании ги користат овие можности?

– Да, во изминатиот број се отворија голем број на можности за компаниите да можат да го развијат или прошират својот бизнис. Покрај тоа се објавија и повеќе повици во рамките на ФИТР и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој со цел компаниите и земјоделските стопанства да инвестираат во нови решенија, машини или опрема и така го развијат сопствениот бизнис. Она што е добро е тоа што државата преку овие повици го подржува бизнис секторот и преку кофинансирање им овозможува да инвестираат во новите идеи и нови пазари. Сметам дека повиците на ФИТР се одлични но средствата кои се одвојуваат се малку со оглед на големиот интерес на компаниите да учествуваат со апликации, а од друга страна повиците за ИПАРД се многу строги во делот на долгата постапка, процедура и целокупното финансирање на целиот процес, за на крај државата да врати 65% од инвестицијата. Целиот тој процес може да потрае и година дена и затоа сметам дека компаниите заинтересираноста тука е многу мала.

Колку македонските компании ги користат услугите на консултантите?

– За жал се уште постојат предрасуди за консултантите дека продаваат магла и или дека нивните услуги се скапи. Потребата од консултантски услуги кај компаниите е огромна во било која сфера и поевтина во однос на тоа да одреден процес го направиш сам, со своите вработени или имаш некој „познаник/роднина“ кој ќе го направи тоа за тебе. Изборот дали ќе користиш консултант е избор дали ќе работиш професионално или ќе идеш на варијанта ќе се снајдам. Овој процес е многу спор во Македонија и затоа на прсти можат да се избројат компаниите кои континуирано се развиваат и освојуваат нови пазари. Потребата за консултанти за подготовка на една апликација може да ја видите и при последниот повик од фонд за иновации кога голем број на предлог проекти паднаа во првата фаза од причина што апликациите беа нецелосни или лошо подготвени. Дополнително консултантите се потребни затоа што работите ги гледаат од повеќе аспекти и од различна позиција и помагаат да се дојде до оптимално решение за секој предизвик кој се појавува во работењето на компанијата

Инвестираат ли македонските компании во „аутсорс“ услуги?

– Како што кажав и претходно, оние компании кои што сакаат да работат професионално и да растат ги користат овие услуги и во овој правец се повеќе и повеќе расте побарувачката. Иако темпото на раст не е брз и голем сепак има движење во нагорен правец. Она што е добро што успешните приказни на користење на консултантски услуги брзо се прошируваат и со реални искуства се подобрува сликата за консултантите. Како пример ќе земам мое лично искуство каде преку соработка со две правни лица истите добија грантови од 80.000 евра и 50.000 евра и веќе автоматски интересот се зголеми со оглед на позитивното искуство. Верувам дека позитивните искуства ќе придонесат да компаниите и земјоделците се одлучат да работат на професионална основа и соработуваат со консултанти за многу успешни приказни раст и развој на компаниите.

Зошто е потребно да се инвестира во професионалци?

– Знаењето, експертизата, професионалниот интегритет во работењето, подготвеноста за соработка се круцијални за успешно водење и менаџирање на бизнисот и успешно справување со предизвиците. Компаниите секојдневно се соочуваат со нови предизвици кои бараат искуство, креативност и професионалност. Интересно е дека многу менаџери или сопственици имаат бизнис а не се ни свесни дека имаат потенцијал кој можат да го искористат за да изградат бизнис империја. Стравот или штедењето во ресурси ги спречува во тоа. Тие се воглавно се скептици околу инвестиција, остварливоста, и вредност, но менџерите треба да инвестираат во професионализмот бидејќи без тоа нема раст. Инвестицијата во професионалност е промената што го движи напредокот на бизнисот.

В.К.

Слични содржини