Спикерот на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, даде изјава денеска околу истрагата за отповикување на претседателот на САД, Доналд Трамп.
Таа настапи во јавноста откако сведочеа правните експерти, кои оценија дека со своите дела Трамп го нарушил Уставот. Притоа повторно го изнесе прашањето за владеење на правото зацртано од основоположувачите на американската држава, посебно тоа дека никој, па дури и претседателот, не може да биде над законот.
-Претседателот Трамп го погази Уставот и со тоа не ни остави друг избор, изјави таа.
Пелоси повика претседателот на Одборот за правосудство на Претставничкиот дом да продолжи со работа над точките за импичмент.
Спикерот на Претсавничкиот дом се обрати ден после сведочењата на тројца еминентни експерти по уставно право на САД кои на сослушувањето синоќа кое траеше до доцните вечерни часови, заклучија дека Трамп направил дела кои се основа за импичмент, а кои се поврзани со барањета од странски земји како Русија, Украина и Кина да се вмешаат во изборите со хакерски упади и отварање истраги во негова политичка корист.
Одборот за правосудство продолжува со распит на колегите законодавци, членови на Одборот за разузнавање, кое треба да се одржат идната недела.